Работнички го совлада МЗТ 2, Ангели славеа над ФМП Академија

Работнички со голем пресврт во завршницата успеа да слави со 72-73 на гостувањето против МЗТ Скопје 2 на стартот од плејаут натпреварувањето, триумф со кој „центарци“ им се реваншираа на „младите штркчиња“ за поразот во регуларниот дел од сезоната. МЗТ 2 има за што да жали ако се знае дека овој тим имаше целосна контрола над резултатот во второто полувреме.

Домаќините поведоа со 72-67 на три и пол минути до крајот, но потоа не постигнаа ниту еден единствен поен до финишот на средбата, а Работнички со тројката на Балмазовиќ на седум секунди до крајот стигна до победата.

Младите аеродромци имаа и последен напад, Лука Петровски тргна на влез и бараше прекршок, судиите покажаа играта да продолжи, за минимална победа на Работнички. Балмазовиќ со 28 и Какруки со 19 поени беа најдобри поединци во таборот на „центарци“, додека Петровски со 16 поени и седум скокови беше најзабележителен во таборот на МЗТ Скопје 2.

КК Ангели славеше со убедливи 72-60 над Академија ФМП во битката на двата прволигаши од скопската населба Кисела Вода. Заминувањата на неколку првотимци од ФМП се почувствува во играта на овој тим, а Ангели знаеше како да го искористи тоа и да стигне до триумф.

Каралиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови за победничкиот тим, додека Славчо Темелковски дебитираше со 13 поени за Ангели, и тоа против својот довчерашен клуб. Во редовите на ФМП најефикасни беа Бакоч со 16 и Тодоровски со 14 поени.