Макрон сака да им се приближи на младите и зелените гласачи, ветува „зелено планирање“

(AP Photo/Laurent Cipriani)

Францускиот претседател Емануел Макрон вети во саботата дека Франција ќе ја направи „прва голема нација“ којашто ќе престане да користи нафта, јаглен и гас како извори на енергијата, настојувајќи да им се приближи на младите и зелените гласачи поради стравувањата дека токму тие во вториот круг од претседателските избори на 24-ти април може да бидат воздржани.

На собирот во Марсеј, чиишто жители во првиот изборен круг на 10-ти април масовно гласаа за кандидатот на радикалната левица Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон, Емануел Макрон се обиде да ја зголеми малата предност којашто, како што покажуваат истражувањата на јавното мнение, ја има во однос на ривалката, десничарката Марин Лепен.

Во пресрет на вториот круг, претседателската трка се води за гласовите на левицата, бидејќи и двајцата кандидати настојуваат да ги привлечат гласачите кои во првиот круг гласаа за Меланшон кој освои над 22 отсто од гласовите, еден помалку од второпласираната Лепен. Макрон рече дека неговиот следен премиер ќе биде директно ангажиран на, како што рече, „зеленото планирање“.

„Ми се чини дека има многу вознемиреност меѓу нашите млади луѓе. Мисијата на новиот премиер ќе биде да ја направи Франција првата голема нација коајшто постепено ќе престане да ги користи гасот, нафтата и јагленот. Тоа е возможно и ние тоа и ќе го реализираме. Меѓу јагленот и гасот, од една страна, и нуклеарната енергија, од другата, ја избирам нуклеарната“, изјави Макрон пред своите приврзаници собрани пред дворецот Фаро над старото марсејско пристаниште.

Актуелниот француски претседател веќе најави дека до средината на векот сака да изгради шест нови нуклеарни реактори и да покрене студии за изградба на уште осум, да ги зголеми капацитетите за користење на соларната енергија за десет пати и да изгради 50 ветроелектрани на крајбрежјето. Рече и дека годишно сака да овозможи поставување соларни панели на 700.000 домови, што ќе овозможи заштеда на енергијата.

На собраните им порача и дека сака да воведе национален ден на природата, кој би се одбележувал секоја година во мај, а Марин Лепен ја нарече „климатски скептик“.

По првиот изборен круг Макрон се отвора кон левицата и социјалните теми, иако порано се претставуваше како политичар кој не припаѓа „ниту на десницата, ниту на левицата“, но сепак го нарекуваат „претседател на богатите“. Но исторемено Макрон се обидува да го придобие и пообразованото гласачко тело, гласачите на левиот центар и урбаното население меѓу приврзаниците на Меланшон.

Макрон, напуштајќи ја една година порано владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд и неговите премиер Едуар Филип и Жан Кастекс, на изборите во 2017 година ги првилече гласачите како ново лице на големата политичка сцена. Тогаш ја победи Лепен со 66 отсто од гласачите, поради традиционалното формирање на ткн „републикански фронт“, односно сојузување на сите политички струи против крајната десница.

Анкетата на Ipsos чиишто резултати се објавена во саботата покажува дека 33 отсто од гласачите на Меланшон планираат да гласаат за Макрон, 16 отсто за Лепен а 51 отсто се уште не се решиле.