„Северното дерби“ од 32-то коло на француското фудбалско првенство му припадна во саботата на Ланс кој како гостин го победи со 2:1 актуелниот првак Лил.
Ова беше прва победа на Ланс во Лил по февруари 2003 година, кога победи со 2:0.
Гостите во „Derby du Nord“ поведоа веќе во 4 минтуа со голот на Преземислав Франковски, а на 2:0 зголеми Арно Лалимуендо во 37 минута. Во последните минути од првиот дел намали Ксека.
Во продолжението од мечот домашните имаа неколку шанси за израмнување, но резултатот не се менуваше. Најблиску до погодок Лил беше во 64 минута кога шутираше Амаду Онана, но гостинскиот голман Фарињез одлично реагираше.
Со оваа победа Ланс го мина на табелата сега осмиот Лил и има предност од 50 наспроти 48 бодови, и е три бода зад местата кои водат во европските купови. На табелата води ПСЖ со 71 бодови, далеку пред Марсеј кој има 59, Рен со 56, Монако со 53, Стразбур со 52 и Ница со 51 бод.
Во првиот саботен дуел Сен Етјен со 2:1 на домашен терен го победи Брест. Гостите поведоа во 8 минута преку Франк Онора, но веќе во 14 минута израмни Мади Камара, а истиот играч во 39 минута го донесе резултатскиот пресврт и воедно победата за домашните.
Ова е важна победа на Сен Етјен во борбата за зачувување на прволигашкиот статус, сега е 17-ти со 30 бодови, а 18-от Клермон, 19-от Бордо и последниот 20-ти Мец имаат од два до седум бодови помалку со еден заостанат натпревар. Брест е безбеден на 12-то место со 39 бодови.