Голем пресврт на Реал за победа кај Севилја

Фудбалерите на мадридски Реал во неделата вечерта направија голем исчекор кон новата титула во шпанското првенство, откако во 32-то коло на гости со пресврт со 3:2 ја совладаа Севилја.

Севилја поведе во 21 минута преку Иван Ракитиќ од слободен удар од 16 метри, кој најде пукнатина во „живиот ѕид“ на Реал, а топката мина низ играчите и го измами Тобо Куртоа. Само четири минути подоцна Ерика Ламела го удвои водството на домашните.

Играчите на Реал сепак успеаја да се вратат во мечот и да направат пресврт кој го започна Родриго во 50 минута. Севилја до 82 минута имаше победа со која ќе избиеше на втората позиција на табелата, но тогаш израмни Начо. И повторно во судиското продолжение (92 минута) Карим Бензема беше спасител на мадридските „Кралеви“.

Реал сега има 75 бодови, 15 повеќе од Севилја, Атлетико Мадрид и Барселона којашто има и два натпревара помалку, а до крајот на првенството има уште шест кола.

До победата (од 2:1) во судиското продолжение од мечот во неделата дојде и Атлетико во домашниот дуел со Еспањол. Јаник Караско ги доведе домашните во водство во 53 минута, но актуелниот шампион во 71 минута остана со играч помалку кога Гофри Кондогбиа го заработи вториот жолт картон поради играње со рака. Во продолжението од таа акција, по триминутниот прекин, од слободен удар Раул де Томас го изненади голманот Јан Облак.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, во една од последните акции судијата по прегледувањето на снимката досуди пенал поради иргање со рака, а Белгиецот Караско ја реализираше најстрогата казна точно во 100-та минута. Атлетик остана четветропласиран, а Еспањол е 12-ти со 39 бодови.

Селта Виго во Билбао го изненади домашниот Атлетик и го совлада со 2:0. Стрелци беа Иаго Аспас во 11 и Гран Белтран во 37 минута. Селта се искачи на 11-то место со 39 бодови, а Атлетик остана на 45 бодови и на осмото место на табелата.

Гостинска победа, од 4:1, оствари и Леванте над Гранада. Стрелци за гостите беа Дани Гомез во 17 а во 56 минута пенал реализираше Хозе Луис Моралес, а погодија и Микаел Малса во 77 и Роберто Салдадо во 95 минута, а за домашните стрелец беше Алекс Коладо во 92 минута. Гранада од 54 минута играше без исклучениот Херман Санчез.

Ова беше важна победа за Леванте во борбата за опстанок, и натаму е претпоследен 19-ти но сега со 25 бодови, три помалку од зоната на опстанок, додека Гранада остана на 29 бодови и на 16-то место, и во наредните шест кола ќе стравува за опстанокот во Примера.