Шангај извести за првите три смртни исхода во последниот бран на Covid-19

Шангај извести во понеделникот за првите три смртни случаи во последниот бран од Covid-19 во овој пристанишен град на истокот на Кина.

Градските власти соопштија дека станува збор за три повозрасни лица кои имале и други болести.

Кон средината на март забележани беа две смртни случаи во покраината Џилин на североистокот од Кина, кои се сметаат првите во земјата по повеќе од една година.

Стручњаци на Западот се сомневаат во точноста на податоците за бројот на заразените и починатите од коронавирусот кои ги објавува Пекинг, според кој на 25-ти јануари 2021 година бил забележан последниот смртен случај од Covid-19.

Сега Шангај е жариште на најголемиот бран на Covid-19 во Кина од почетокот на пандемијата во декември 2019 година. Големо мнозинство од областа на Шангај, каде што живеат 26 милиони луѓе, е во изолација од крајот на март.

Во овој мегалополис, кинески економски и финансиски центар, расте огорченоста поради недоволните резерви од храна, проблем со медицинската грижа или поради заразените деца одвоени од родителите поради правилата за карантинот, пишува агенцијата DPA.

Засега нема најави колку ќе трае изолацијата.

Властите известија дека во неделата во Шангај повторно се регистрирани повеќе од 2.400 потврдени нови зарази со Covid-19 и повеќе од 19.800 асимптоматски случаи. Повеќето од вкупниот број од новозаразените во целата земја се однесуваат на Шангај.