Во саботата – Шабат и прв ден Песах, кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта предводени од премиерот Кирил Петков, официјално отворија бугарски културен центар „Ванчо Михајлов“ по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Хитлер, соопштија од Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
– Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа. Чин со кој се загрозува мултикултурализмот и класичен пример за непочитување и искривување на историјата, се оценува во реакцијата.
Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија истакнаа дека се „згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите“.
– Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7144 македонски Евреи или 98 проценти од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, пишува во реакцијата на Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Во неа тие наведуваат дека како наследници на преживеаните од холокаустот нема да ги премолчуваат ваквите појави и бараат итно и неодложно во Собранието да се донесат измените на Кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон.
Еврејската заедница бара и да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите, Владата на Р. Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна и Европската Унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Република Бугарија.
– Ние, Евреите од Република Македонија, како и бројни македонски граѓани, имаме многу пријатели од Р. Бугарија, со којашто сакаме како соседи да живееме во мир и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис Трети и останатите докажани нацисти од врвот на власта на Царска Бугарија во Втората светска војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени на заемна почит, пријателство и доверба. Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде жртва на вистината, пишува во реакцијата на Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.