Блидарус: До врвот се стигнува со лидер-визионер

Доколку имате добар лидер, тогаш вашата компанија ќе биде вредна. Но, доколку имате лидер-визионер, тогаш ќе бидете на врвот, вели Адриjан Блидарус, коосновач и извршен директор на компанијата „Софтелигенс“, којашто пред неколку месеци отвори канцеларија и во Скопје.

Оваа технолошка и консултантска компанија, специјализирана за развој и имплементација на решенија за дигитална трансформација, минатата година беше вклучена во FT 1000, листата на најбрзо растечки европски компании на Financial Times. Компанијата е основана во 2006 година од страна на Адријан и Теодор Блидарус во Букурешт, Романија.

„Иако обезбедуваме услуги за дигитализација за компаниите во банкарската и осигурителната индустрија, верувам дека човечката страна е наша конкурентна предност. На крајот на денот, технологијата е само алатка која помага да ги постигнеме нашите цели. Нашата способност да се поврзуваме и да се организираме е барем исто толку важна колку и нашата умешност со алатките. Во текот на меѓучовечките односи меѓу нас, меѓу нас и нашите клиенти, меѓу нас и општеството, се појавуваат и нашите квалитети и нашите недостатоци. Но, се додека не заборавиме да бидеме скромни, нашите квалитети секогаш ќе ги надминуваат нашите недостатоци“, вели Блидарус.

Интерните истражувања во Сотвелигенс, реализирани во текот на минатата година, покажуваат дека 77% од вработените сметаат дека нивниот линиски менаџер секогаш или многу често се грижи за нив. Според 75% сечие мислење е важно секогаш, додека 79% веруваат дека имаат можност да се претстават најдобро што можат во компанијата.

Според Блидарус, за да се постигнат смели работи, мора во нив да се верува уште пред тие да постојат.

„Една од најважните квалитети на лидерот е визијата. Во секој деловен процес и одлука, кога сите други барања се исполнети, визијата е таа што ја прави разликата и влијае на изборот. Лидерот е личноста која го води својот тим од „теренот“. Тоа е личноста која ги практикува лидерските вештини и поминува што е можно повеќе време со луѓето во нивниот тим. Лидерот мора да прави работи сам, а не само да бара од другите луѓе да ги прават. Не можам да замислам лидер без визија. Впрочем, луѓето избираат да ве следат кон нешто, кон цел. Ваша одговорност е како лидер да ја разјасните целта и да ги поддржите да бидат најдобрата верзија од себе. И патувањето е важно, но во отсуство на цел или ваша способност да го обоите во живи бои, не можам да замислам како можете да ги натерате луѓето да ве следат“.

Тој, иако е извршен директор на компанијата, дели заеднички простор со своите колеги. Милува да пие кафе од иста еспресо машина и да дели иста маса за ручек со колегите. Иако, вели Блидарус, сите вработени се различни, нив ги обединуваат заедничките вредности.

„Сакам да мислам дека отворениот стил што го поттикнувам дава можност секој да ми даде повратна информација за што било. Немам проблем да објаснам одлука што ќе ја донесам или од мене тоа го бараат. Верувам во отвореност. Понекогаш сум добивал помалку од ласкави пораки од колегите и покрај првиот (патем кажано, многу човечки) импулс за отфрлање, отсекогаш сум се трудел да видам подалеку од пораката и да разберам што можам да подобрам и како. Секоја година, нашите вработени пополнуваат прашалник кој анонимно го оценува нивното искуство во Софтелигенс од неколку гледни точки. Среќни сме што од година во година се подобруваат резултатите, што значи дека целта е постигната: сакаме да знаеме како можеме да бидеме подобри и преземаме чекори за тоа“, објаснува Блидарус.

Во неговата компанија се работи во „безбедна“ средина, средина која е ослободена од предрасуди и дискриминација, од малтретирање, средина каде што се почитува секој. „Во ред е да дебатираме и да не се согласуваме се додека се почитуваме и се грижиме еден за друг. На крајот, важно е да создадеме средина во која можеме да растеме, во која ќе имаме глас“.