Унгарија бара детали од ЕУ пред одлуката за санкции на руските енергенси

Унгарија сака да ги види предлог-санкциите на Европската унија на увозот на гас и нафта од Русија, пред да донесе решение дали ќе го блокира или нема тој предлог, порача во четвртокот шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, додавајќи дека би било „неодговорно“ да се уништи стопанството на земјата.

Унгарија од почетокот цврсто се спротиставува на ембаргото на руските енергенси, бидејќи тоа би значело уништување на унгарската економија. Земјата увезува околу 80 отсто од потребите од гас и 65 отсто од нафта од Русија, а рафинериите на компанијата MOL во Сажалобата и во словачка Братислава моментално преработуваат главно руска нафта. Будимпешта, исто така, набавува руско гориво и за својот нуклеарен реактор во централата Пакш.

„Би сакале да видиме кои предлози се на масата и дали постои алтернатива за да ги замениме ресурсите коишто доаѓаат од Русија“, изјави Гергели Гуљас.

Кога станува збор за увозот на рускиот план, Гуљас не гледа никава алтернатива во догледна иднина.

„Без рускиот гас, не само унгарското, туку и германското стипанство би потклелнало и би се лизнало во длабока рецесија, така што каква и да е расправа за тоа, или морализирање, е бесмислено“, рече Гуљас.

Кога станува збор за нафтата, ситуацијата не е многу подобра, но има повеќе алтернативи, рече Гуљас коментирајќи ја изјавата од средата на германската шефица на дипломатијата Аналена Бербок дека Германија до крајот на годината ќе престане да увезува руска нафта.

Русија, покрај гасот, е и најголем испорачувач на нафта во Европа. Од севкупниот увоз на нафта во ЕУ во 2020 година, уделот на руската нафта изнесувал 26 отсто.

Унгарецот појасни дека би биле потребни неколку месеци, ако не и цела година, како и стотици милијарди форинти за рафинериите на MOL да се прилагодат да преработуваат друга нафта која не доаѓа од Русија.

„Потребни ни се одговорни одлуки доколку сакаме да воведеме какви било санкции. Мораме да знаеме од каде ќе ги увезуваме енергенсите, во кои количества и кој тоа ќе го плати. Денеска тоа не го гледаме и би било неодговорно да се зборува за дополнителни санкции“, рече Гуљас.