ФОТО| Во Швајцарија го градат највисокиот дрвен станбен облакодер на светот

Во Швајцарија ќе започне градењето на највисоката станбена зграда од дрво на светот, чија цел е да се докаже дека дрвото може да се користи како одржлива алтернатива за бетонот и челикот при гредењето високи објекти.

Проектот „Rocket&Tigerli“ ќе се состои од четири згради, вклучително и една висока 100 метри во швајцарскиот град Винтертур во близина на Цирих.

Дизајнот ќе понуди модерно висококвалитетно живеење со максимален доток на дневна светлина, според дизајнерската данска компанија „Schmidt Hammer Lassen Architects“ (SHL).

Фасадата ќе биде прекриена со темноцрвени и жолти теракота цигли во комбинација со прашинозеленикави детали, во склад со црвените покриви и жолти цигли на постарите згради во околината.

„Му пристапуваме на проектот со големо чувство на понизност. Тоа е голем проект кој ќе има значително влијание врз заедницата, во општеството и во естетска смисла“, изјави Кристијан Алмарк, партнер и директор во SHL.

Во четирите згради ќе има станбени единици, како и простори за малопродажба, бар и хотел. Се очекува дека проектот ќе биде довршен и спремен за вселување до 2026 година.

Овој проект се придружува на низата други архитектонски потфати со коишто се сака да се докаже дека дрвото може да се користи како основа за високоградбата.

Кулата „Мјостарнет“, висока 85 метри во норвешкиот град Брумундал, стана највисоката дрвена зграда на светот кога беше отворена во 2019 година. Во зданието на 18 ката се сместени станови, канцелариски простори и соодветно наречениот „Дрвен хотел“ (Wood Hotel)