
Водечкиот тим во англиското фудбалско првенство Манчестер Сити лесно се пресмета со претпоследнито Вотфорд на свој терен совладувајќи го со 5:1 во саботната средба од 34-то коло.
Брилјираше бразилскиот напаѓач Габриел Жезус кој постигна четири погодоци, во 4, 24, 49 и 53 минута, а му асистираше и на Родри во 54 минута. Стрлец на единствениот погодок за госите беше Хасана Камара во 28 минута.
Водечкиот Манечестер Сити сега има 80 бодови, четири повеќе од второпласираниот Ливерпул кого во неделата го очекува градското дерби со Евертон. Вотфорд и натаму е 19-ти со само 22 бодови, седум помалку од 17-от Евертон кој го држи последното место коешто обезбедува опстанок во Премиер лигата.
Претходно во саботата Њукасл беше убедлив со 3:0 на гостувањето кај фенерџијата Норич Сити. Стрелци за гостите беа Џоелинтон во 35 и 41, и Бруно Гвимараеш во 49 минута. Њукасл сега е деветти со 43 бодови, далеку од местата кои водат во европските купови, а Норич е 20-ти со 21 бод.
Без голови ремизираа Лестер Сити и Астон Вила, па Лестер сега има 42 бодови и е десетти на табелата а Вила со 37 бодови е 15-та и девет бодови оддалечена од местата кои водат во понизок ранг.
По провиот саботен натпревар фудбалерите на лондонски Арсенал привремено избија на четвртото место на табелата на англиското фудбалско првенство откако во дербито од 34-то коло со 3:1 го совладаа директниот конкурент Манчестер Јунајтед.
Арсенал поведе веќе во 3 минута кога Нуњо Тавареш ги искористи почетничките грешки на Алекс Телес и Варан во гостинската одбрана. Водството на домашните го удвои Букајо Сака во 32 минута од пенал кој самиот го избори по прекршкот на Телес, но само две минути подоцна, Кристијано Роналдо намали на 1:2 по нафрлувањето на Немања Матиќ,
Се чини клучниот момент на мечот се одигра во 57 минута кога Бруно Фернандеш не реализираше најстрога казна и наместо да израмни на 2:2 ја погоди стативата. Казната за ова промашување дојде во 70 минута кога Гранит Џака погоди од 20-ина метри за конечните 3:1 за Арсенал.
Сега четвртопласираниот Арсенал има 60 бодови, два помалку со два натпревара повеќе од третопласираниот Челзи, а два повеќе со меч повеќе од петтиот Тотенхем кој ремизираше без голови на гостувањето кај 11-от Бренфорд со 40 бодови, додека Манчестер Јунајтед остана шести со 54 бодови.