
Некои од принцовите од владејачката династија во Саудиска Арабија продаваат недвижен имот и јахти во САД и во Европа поради финансиски проблеми, пишува деловниот весник The Wall Street Journal.
Членови на кралското семејство се ослободуват од своите средства надвор од кралството, бидејќи престолонаследниот принц Мохамед бин Салман „прекина многу од изворите на пари коишто ги користеа за поддршка на нивните невообичаени навики за трошење“, велат изворите на весникот.
Во написот на WSJ се укажува дека последните години саудиските принцови продале недвижен имот, јахти и уметнички дела во вредност од над 600 милиони американски долари.
Соговорниците на весникот наведуваат дека тие средства на принцовите им се потребни за плаќање даноци и за одржување на имотите, како и за исплата за паркираните приватни авиони и пловила низ светот. Покрај тоа, во некои случаи припадници на династијата се моривирани од желбата да поседуваат „помалку забележливи имоти“, за да не го привлекуваат врз себе вниманието на принцот престолонаследник.
Како пример се наведува дека принцот Бандар бен Султан, кој претходно беше на чело на саудиското разузнавање, го продал својот имот во Велика Британија минатата 2021 година за 155 милиони долари.
Според еден од изворите на WSJ, принцовите се плашат од Мохамед бин Салман, и затоа што самите тие не се ангажираат, туку дека за нивните деловни и државни активности издржуваат огромен персонал соработници и вработени.
Кон крајот на 2017 година саудискиот монарх Салман бин Абдел Азиз Ал Сауди издаде декрет за формирање на Високиот комитет за борба против корупцијата, предводен од престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Комитетот веднаш објави дека го отвора досието за поплавите во Џеда во 2009 година и истрагата за епидемијата од коронавирусот познат и како вирус на Блискоисточниот респираторен синдром (MERS).
Истовремено Саудиска Арабија смени неколку високо позиционирани министри, вклучително и челниците на ресорите за економија и планирање, како и на Националната гарда на монархијата. Меѓу разрешените беа министерот за економија Адел Факех, кој беше заменет со неговиот заменик Мухамед ал-Туваири и шефот на Националната гарда, принцот Метеб бин Абдула, на чиешто место дојде Калед бин Ајаф.
Овие смени дојдоа само неколку месеци откако саудискиот крал Салман бин Абдулазис Ал Сауди го замени својот внук Мохамед бин Најег со својот син Мохамед бин Салман како наследен принц на круната.
Тогаш промените во министерскиот кабинет се совпаднаа со „планот за забрзана промена“, којашто започна со именувањето на Мохамед бин Салман како наследник на саудискиот престол и потоа следуваа низа реформи коишто треба да ја реформират монархијата која го применува ригидниот вехабитски облик на сунитскиот ислам, особено во поглед на правата на жените. Истовремено, беше објавен многу амбициозниот саудиски план за трансформација на земјата и саудиската економија наречен „Визија 2030“.