Во Пекинг поради ширењето на ковид-19 се затворени дополнителен број продавници, станбените блокови се под строги мерки на изолација, а властите се обидуваат да откријат што повеќе контакти на заразените. Во Шангај веќе еден месец на сила се рестриктивни мерки.
Градските власти на Пекинг се во трка со времето и се обидуваат да откријат што е можно повеќе случаи на ковид-19 и да ги изолираат луѓето кои биле во контакт со заразените.
Областа Чаојанг во Пекинг, со 3,5 милиони жители, е првата во која започна масовно тестирање. Во меѓувреме, цели станбени блокови се „заклучени“ и станарите не можат да излезат од своите домови.
Затворени се и теретаните, трговските центри, кината, базените и велнес центрите и библиотеките, а на доставувачите на пошта и храна им е забранет влезот во некои општини и станбени области.
Жителите се предупредени дека ќе бидат законски одговорни доколку не ги почитуваат рестриктивните мерки и придонесат за ширење на епидемијата.
Пекинг забележа 49 случаи на инфекција во четвртокот, во споредба со 50 претходниот ден.
Во меѓувреме, во Шангај кој веќе еден месец е во строг „карантин“ расте гневот и незадоволството. Секоја вечер жителите на оваа финансиска престолнина своето незадоволство го изразуваат со удирање по тави и тенџериња.
Поради строгите мерки за затворање, странците масовно го напуштаат овој најкосмополитски град во Кина.