
„Нашата политика мора да биде политика на одговорност, развој и напредок, да видиме кои се интересите на нашата земја и соодветно да направиме се што е потребно“, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска. Тој изјави дека со американскиот сенатор Крис Марфи не разговарал за воведување санкции против Русија, но и дека Србија е под сериозен притисок од сите страни да се приклучи.
Вучиќ оцени дека во тек е светски политички конфликт и дека Србија се соочува со неверојатни притисоци.
„Тоа се сведува на многу софистицирани методи на закана и уценување на економскиот напредок или назадување на земјата. Во овие услови само барам луѓето да разберат и да видат колку државата се бори да зачува се што можеме од животниот стандард“, рече Вучиќ.
Тој порача дека Србија е чувар на мирот и стабилноста и дека ќе носи одлуки во согласност со интересите на државата и на нејзините граѓани.
„Нашата политика мора да биде политика на одговорност, развој и напредок, да видиме кои се интересите на нашата земја и соодветно да направиме се што е потребно, не ме интересира да шпекулирам дали и кога ќе воведеме санкции, дури ни сенаторот Марфи не зборуваше за тоа“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека повеќе ќе зборува за воведувањето санкции против Русија на 6 мај. „Се што можам да ви кажам е дека Србија ги донесе своите заклучоци во Советот за национална безбедност. Навистина не можам да зборувам за шпекулации кога некој ќе воведе санкции и дали некој ќе воведе санкции. Дури ни господинот Марфи не кажа дека разговарал со мене за тоа, а тоа го пренесоа сите домашни медиуми – дека само се чекало кога ќе воведеме санкции“, изјави тој.