НБА лига: Милвоки славеа во Бостон

Кошаркарите на актуелниот НБА шампион, Милвоки Бакс, со убедлива победа од 101:89 во бостонски „ТиДи Гарден“ против домашните Селтикс поведоа со 1-0 во серијата до четири победи во конференциското полуфинале.

Освен во првата четвртина, екипата на Бостон не можеше да се справува со бранителот на тутулата. Така Милвоки веќе до полувремето изгради двоцифрена предност од 56:46, а кон средината на последната делница таа се зголеми на 17 поени (92:75), по „тројката“ на Џру Рендал Холидеј кој со 25 поени беше најдобриот стрелец во гостинскиот тим.

Јанис Адетокумбо во победата вгради „трипл-дабл“ со 24 коша, 13 скокови и 12 асистенции. Боби Портис за победниците додаде 15 коша со 11 скокови, а Грејсон Ален впиша 11 поени.

Џејсон Тејтам ги предводеше Селтикс со 21 кош, но за тоа потроши дури 18 шута. По 12 поени впишаа Џејлен Браун и Ал Хорфорд кој имаше и 10 скокови.

Бостон Селтикс ќе се обидат да го попрват  впечатокот во вториот натпревар во кој повторно ќе бидат домаќини, а на распоредот е ноќта кон средата во 1 часот по средноевропско време.