
Српскиот центар Никола Јокиќ втора година со ред е избран за најкорисниот играч од лигашкиот дел на НБА сезоната. Копаркарот на Денвер Нагетс во гласањето на 100 спортски новинари добил 65 први места, односно вкупно 875 бодиви.
Второто место му припадна на центарот на Филаделфија 76ерс, Камерунецот Џоел Ембид со 706 бодови односно 26 први места, а трет Гркот Јанис Адетокумбо од Милвоки Бакс со 595 бодови и 9 први места. Четвртопласиран во гласањето за МВП е кошаркарот на Феникс Санс, Девин Букер со 216 бодови а петтото место го зазема Словенецот Лука Дончич од Далас Маверикс, кој добил 146 бодови.
Јокиќ во лигашкиот дел од сезоната имаше просек од 27,1 коша, 13,8 скокови и 7,9 асистенции по натпревар. Стана првиот играч во историјата на НБА лигата со најмалку 2.000 кошеви, 1.000 скокови и 500 асистенции во една сезона.
Во лигашкиот дел ги водеше Денвер Нагетс до шестото место во Западната конференција, но во доигрувањето неговата екипа испадна уште во првиот круг, беше поразена од Голден Стејт Вориорс во серијата до четири победи.
Јокиќ е 13-от играч во историјата на НБА лигата кој наградата за МВП ја добива две години со ред. Тоа уште им упсеа на Јанис Адетокумбо, Карим Абдул Џабар, Лари Бирд, Вил Чембрерлејн, Стеген Кари, Тим Данкан, Леброн Џејмс, Меџик Џонсон, Мајкл Џордон, Мозес Мелоун, Стив Неш и Бил Расел.
Според пишувањето на американските медиуми, Нагетс ова лето се подготвуваат на Јокиќ да му понудат продолжување на договорот во износ од 254 милиони долари, што би бил најголемиот договор во историјата на НБА лигата.