Граѓаните не треба да имат дилема дека консумираат безбедна храна, вклучително и сувомесни производи, смируваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Оттаму нагласуваат дека „во прилогот на Нова ТВ – “Екстра Меин е затворена, месото од Бразил слободно влегува во државата“ и прилогот на ТВ Алсат М- “Листерија, бројни дилеми, малку одговори“, се изнесени паушални конструкции кои единствено имаат за цел да внесат забуна и страв кај граѓаните дека храната од домашно производство или од увоз, не е безбедна“.
Од Агенцијата најодговорно тврдат дека во земјава се увезува безбедна храна и суровини за домашната прехранбена индустрија.
„Секоја пратка на производи од животинско потекло од увоз е пропратена со ветеринарен здравствен сертификат за безбедност, во кој надлежниот орган на земјата извозник потврдува дека производот ги исполнува сите барања наведени во Правилникот за посебните барања за безбедност на храна по однос на микробиолошките критериуми. Освен тоа, наведените суровини се испитани и во други две акредитирани лаборатории, од каде се добиени негативни резултати за присуство на листерија“, велат од Агенцијата.
Како дополнителна гаранција за безбедноста, од Агенцијата ги наведуваат и задолжителните контроли кои се вршат од страна на инспекциските служби.
„Оттука, како одговорна инситуција, апелираме, преку пласман на сензационалистички прилози, непотребно да не се внесува паника, страв и забуна кај граѓаните“, стои во писмената реакција на Агенцијата за храна и ветеринарство.