Излезе од печат заедничката поетска збирка „Литературни искри“

Во пресрет на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2022, од печат излезе заедничката поетска збирка од авторите учесници на конкурсот. Во неа има по една творба на 43 автори, кои според оценките на жири комисијата влегоа во потесниот избор од над 160 пријавени на конкурсот.

Од песните на успешно пријавените автори што жири комисијата ги избра и 12 највисоко оценети автори – финалисти.

-На годинашниот деветти по ред конкурс на гостиварскиот и меѓународен фестивал „Литературни искри“ се пријавија и распослаа за наш прочит песни од 161 автор од Македонија, но и од Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија. Тие, според интересот и според содржината, ги потврдуваат посветеноста и ангажманот на овој фестивал да ја популаризира и да ја поддржи поетската уметност, толку значајна за македонската литература низ вековите, но и за состојбата на македонскиот јазик токму преку поетското творештво, стои во освртот за збирката на претседателката на жири комисијата Наташа Сарџоска

Координаторката на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на деветтото фестивалско издание се при крај.

-По двегодишната изолираност поради пандемијата, оваа година конечно ќе имаме можност да се дружиме и да се запознаеме со годинешните финалисти. Изминатите две години фестивалот имаше онлајн изданија пресреќни сме што Гостивар ќе биде домаќин на уште едно во низата поетски изданија и што се одржува континуитетот, рече Брезовска.

Поетската манифестација ќе се одржи на 21 мај со почеток во 13 часот во НУ Центар за култура „АСНОМ“. Промоцијата на заедничката поетска збирка ќе биде во склоп на фестивалот, истакна Брезовска.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни Искри“ се организира во чест на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Оваа година фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Гостивар.