АСО: Граѓаните најмногу се жалат на услугата- европски извештај за решавање штети во сообраќајот

Транспарентното работење на менаџментот на АСО придонесе да расте бројот на претставки добиени од осигуреници за работата на осигурителните компании. За три месеци АСО постапи по 52 претставки што е тројно повеќе од лани. Најбројни, во првите три месеци годинава, се поплаките на осигуреници при обештетување од автомобилска одговорност покриенa со европски извештај, соопштија од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Од вкупно 52 случаи по кои постапувал АСО во корист на осигуреници се решени 8 претставки и тоа е за 4 пати повеќе од истиот период лани. Во процес на постапување се 18 претставки, а негативно се решени 26 поплаки на осигуреници.

Најчесто осигурениците се жалеле на услугата европски извештај при решавање на штети во сообраќајот. Од вкупно 27 поплаки за решавање штети од автомобилска одговорност (најголемата и задолжителна осигурителна класа) дури 19 претставки се поради постапување на осигурителните компании по европскиот извештај за штети. Во споредба со истиот период лани, оваа година на таа услуга се пожалиле 4 пати повеќе осигуреници.

Во однос на причината поради која се жалат осигуреници најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основот по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 20 такви претставки и тоа е за 53% повеќе од истиот квартал во 2021 година.

Од почеток на јануари до крај на март се поднесени 16 претставки за обработка на штета, а лани истиот период биле поднесени 4 пати помалку поплаки по оваа основа.

За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 15 осигуреници.