Ердоган: Турција не може да ги раскине односите со Русија

Турција не може да ги напушти односите со Русија, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган на средба со младите луѓе, чие видео беше објавено на неговиот Твитер.

Тој објасни дека Анкара има врски и со Москва и со Киев.

„Го имаме проектот нуклеарната централа Акују со Русија. Следната година ќе го завршиме овој проект и ќе го отвориме. Ова е многу сериозен извор за нас“, рече Ердоган.

Покрај тоа, Турција добива половина од потребниот гас од Русија, додаде тој.

„Ова е стратешко прашање за нас, стратешките односи. Не можеме да ги напуштиме, да ги раскинеме односите“, нагласи претседателот.

Според Ердоган, тој нема намера да ги прекине односите ниту со рускиот лидер, ниту со украинскиот претседател.

„Ја продолжувам телефонската дипломатија и со Путин и со Зеленски. Го испратив мојот специјален претставник и во Москва и во Киев. Ќе продолжиме со нашата политика, нова светска војна не е од корист за никого“, рече тој.

Магазинот National Interest напиша дека Турција не може да си дозволи конфликт со Русија. Според него, руските испораки и обезбедуваат на земјата 45 отсто гас, 17 отсто нафта и 70 отсто пченица, важна улога има и туристичкиот проток, кој минатата година изнесуваше речиси една петтина од сите патници кои доаѓаат во Турција.

Дополнително, Анкара изјави дека нема да ја поддржи апликацијата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Ердоган потврди дека Турција ќе постапи одлучно по ова прашање и ќе им каже не на партнерите во алијансата.