Доколку Русија го послуша апелот на Обединетите нации за отворање пристап до пристаништата на Црното Море, тогаш треба да се размислува за укинување на санкциите против Русија, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
„За да се реши глобалната прехранбена криза, потребно е да се обрне внимание на причините што ја предизвикаа и да се укинат санкциите против Русија што ги воведоа САД и Европската унија“.
Ова го изјави заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Андреј Руденко, како одговор на поканата на шефот на Светската програма за храна на ОН (WFP), Дејвид Бизли, до Москва, да го отвори пристапот до морските пристаништа во Украина, пренесува ТАСС.
„Овде е неопходно, не само да се апелира до Руската Федерација, туку и да се обрне внимание на целиот комплекс на причини што ја предизвикаа актуелната криза со храна. Пред се, тоа се санкции наметнати на Русија од страна на САД и Европската унија, кои ја попречуваат нормалната слободна трговија со прехранбени производи, вклучително и пченица, ѓубрива и други работи“, рече Руденко.
Претходно германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека единствениот начин за отстранување на ограничувањата е мировниот договор меѓу Москва и Киев.
Украина, како еден од најголемите светски производители на житни култури, извезуваше најмногу стоки преку своите поморски пристаништа, но откако Русија ја испрати својата војска во Украина, таа беше принудена да извезува со воз или преку малите пристаништа на Дунав, потсетува Ројтерс.
Во средата, шефот на ОН за храна Дејвид Бисли го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги отвори пристаништата, „ако воопшто има срце“.