Повеќе од 1.900 припадници на украинските паравоени формации за кои Москва вели дека се составени од припадници на ултранационалистичките движење, кои со седмици беа опколени од проруските и руските сили во утврдениот металуршки комбинат „Азовстал“ крај стратешкиот град Мариупол, се предале во изминатите денови, информираше во петокот рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Продолжува блокадата фабриката ‘Азовстал’. Цивилите кои таму ги држеле украинските националисти се евакуирани од територијата на фабриката. Спасени се 177 луѓе, од кои 85 се жени и 47 се деца. На сите им е пружена квалификувана медицинска и психолошка помош. Националистите блокирани во фабриката почнаа да се предаваат и до овој момент 1.908 лица го положија оружјето“, рекол Шојгу на колегиумот во руското министерство за одбрана.
Потсетил дека пред речиси три седмици 1.387 припадници на морнаричката пешадија на украинската војска им се предале на руските единици.
На истиот состанок Шојгу најавил дека „при крајот“ е „ослободувањето“ на самопрогласената проруска Народна Република Луганск.
„Групациите на руските вооружени сили, заедно со единиците на народните милиции на народните републики Луганск и Доњецк продолжуваат да ја прошируваат контролата врз теритириите на Донбас. Се ближи кон крајот ослободувањето на Народна Република Луганск“, додал Шојгу.
Во Луганската народна република, според податоците на Министерството за одбрана на Русија објавени првата седмица од мај дека од 25 март биле „ослободени“ 93 отсто од поранешниот Лугански регион, во чии граници била прогласена република, односно административните граници пред превратот во Киев во 2014 година.
Според Шојгу, украинските сили во обидите да го забават напредувањето на руските трупи, прибегнуваат кон тактиката да оневозможуваат евакуација на цивилното население, користејќи го како „жив штит“ во градовите и населените места.
„Претрпувајќи пораз на теренот, режимот во Киев се стреми да постигне барем краткорочни успеси во некои области, прикажувајќи ги како големи“, истакнал Шојгу.
Претходно во петокот британските Reuters и BBC, ја пренесоа изјавата на именуваниот воен гувернер на регионот Луганск, Серхиј Хајдај, дека во „неуспешен руски напад и гранатирање“ на градот Северодонецк, биле убиени 13 цивили. Украинските сили тврдат дека во Донбас одбиле 14 руски напади и уништиле, меѓу другите борбени возила и осум тенкови.
Сверодонецк е стратешки важен, бидејќи со преземањето на контролата врз него проруските и руските сили имаа отворен простор за продор кон запад и поврзувањето на силите коишто напредуваат југоисточно од градот Изјум. Според Киев, руските сили продолжуваат со офанзива врз стратешките источни градови Лисичанск и Северодонецк. Се известува и за жестоки борби во поширокиот регион Донбас, со меѓусебни обвинувања за уништување на цивилната инфраструктура.
Рускиот министер Шојгу во врска со безбедноста на цивилите истакнал дека руските сили настојуваат „по секоја цена да спречат гинење на цивилното население“ и оти поради тоа постојано се отворени хуманитарни коридори кон побезбедните области.
„Повеќе од 1.337.000 луѓе се евакуирани од опасните области во Доњецк и Луганск, како и од другите области на Украина во Русија од почетокот на специјалната воена операција“, на 24-ти февруари, рекол Шојгу.