Проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ е најзначаен проект за повозрасните граѓани во Општина Центар затоа што пензионерите добиваат нега и медицински услуги во своите домови. За проектот и неговата важност во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на Сител Телевизија зборуваше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Во тек е апликација за проектот „„Нега на стари лица во домашни услови“ кој е многу важен за повозрасните граѓани на нашата општина. Во самиот проект се вклучени социјални работници, медицински лица, физиотерапевти лиценцирани коишто во зависност од потребите на повозрасното лице му помагаат и му даваат соодветни стручни мислења. Искрено досега немало никакви поплаки од корисниците и се надевам дека ќе продолжи и понатаму и самите граѓани ќе бидат и позадоволни од проектот. Мило ми е што досега самиот проект е добро прифатен од страна на повозрасните лица, тоа се лица на коишто им е потребна нега, лица кои немаат некои блиски покрај нив кои може да им помагаат. Јас неколкупати посетив неколку домаќинства со повозрасни лица и искрено и од нивна страна и од страна на граѓаните самиот проект проаѓа многу добро“, изјави Герасимовски.
Герасимовски напомена дека корисници на овој проект можат да бидат граѓани жители на Општина Центар постари од 60 години. Проектот опфаќа 90 повозрасни граѓани кои добиваат помош и нега 3 пати по 2 часа во текот на неделата. Што се однесува до процедурата за апликација на проектот Герасимовски потенцираше дека таа воопшто не е сложена односно документите се поднесуваат во Архивата во Општина Центар и доколку има потреба од некаква помош на располагање стојат службениците вработени во општината. На следниот линк https://www.centar.gov.mk/?p=15040 може да се прочита кои се потребните документи кои барателите на услугата или членови од нивното семејство треба да ги поднесат до Архивата на Општина Центар.