Сите заедно мораме да се погрижиме Русија да нема успех во агресијата против Украина

Обраќање на украинскиот претседател, Володимир Зеленски:

Денешниот веќе 85-ти ден од нашата одбрана сигурно ќе се памети.

Благодарен сум им на Соединетите држави што го одобрија новиот пакет поддршка на Украина и демократијата во нашиот регион во вредност од 40 милијарди американски долари. Денес овој пакет беше изгласан во Сенатот на САД. Тоа е манифестација на силно лидерство и неопходен придонес за нашата заедничка одбрана на слободата.

Во Германија се одржа и состанок на министрите за финансии и раководителите на централните банки на Г7, претставниците на меѓународните донатори.

Секогаш велам многу искрено: месечниот буџетски дефицит во Украина сега изнесува 5 милијарди долари. И за да ја издржиме војната за слобода, потребна ни е брза и доволна финансиска поддршка.

И тоа за партнерите не е само трошок или подарок. Ова е нивниот придонес за сопствената безбедност.

Бидејќи одбраната на Украина значи и нивна заштита од нови војни и кризи кои Русија може да ги предизвика. Можеби ако има успех во војната против Украина. Затоа мораме сите заедно да се погрижиме Русија да нема успех во нејзината агресија против нашата држава. Ниту воен, ниту економски, ниту било каков друг.

Денес разговарав со Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Веќе лично ѝ се заблагодарив за макрофинансиската помош од 9 милијарди евра, овој пакет беше предложен ден претходно.

Разговарав и со британскиот Премиер Борис Џонсон. За економски прашања, вклучително за извоз на нашите земјоделски производи и увоз на гориво. И, исто така, за ситуацијата во областите на воените дејствија и евакуацијата на нашите херои од „Азовстал“. Правам се за највлијателните меѓународни сили да бидат информирани и, колку што е можно, вклучени во спасувањето на нашите војници.

Се обратив и пред студентите на украинските универзитети. И тоа беше посебно обраќање.

Се надевам дека ќе го слушнат не само студентите. Затоа што сега е време кога имаме можност да ја изградиме иднината на Украина што навистина ја сакаме. Нашата иднина е имено украинска. Без некои застарени и токсични работи кои немаат врска со нашите национални потреби и нашиот карактер. Украина стана господар на сопствениот живот и мора сама да одлучува како да живее.

На денешните дискусии учествуваа студенти од вкупно 25 украински универзитети. Географијата е доста широка: Кијив, Била Церква, Мариупол, Чернигив, Харкив, Одеса, Лвив, Криви Риг, Донецк, Херсон, Франкивск, Горливка, Днипро.

Не сите универзитети работат во нивните градови. Некои се преселиле. Но, она што беше мило и правилно – студентите и ректорите се уверени дека Украина ќе победи и ќе го врати слободниот живот на целата територија.

Имаше и важни актуелни прашања. Прво, му наложив на министерот за образование да подготви такви измени што ќе им овозможат на апликантите од сите привремено окупирани територии да конкурираат на украинските универзитети на поедноставен начин.

Второ, му наложив на министерот да одлучи како да се обезбеди образование на оние студенти кои се во договор, но во исто време и од моментално окупираните територии. Очигледно е дека е исклучително тешко да се плати договор за студирање во такви услови. Државата мора да помогне. Затоа очекувам соодветни одлуки од министерот, од Владата и, доколку има потреба, од народните пратеници.

Разговаравме со студентите за повоената обнова и за тоа како да ја гарантираме безбедноста на нашата држава во децениите што доаѓаат.

Вооружените Сили на Украина продолжуваат да напредуваат во ослободувањето на Харкивската област. Но, во Донбас окупаторите се обидуваат уште повеќе да го зголемат притисокот. Таму е пекол, и ова не е претерување.

Брутално и апсолутно бесмислено бомбардирање на Северодонецк… Имаше 12 мртви и десетици ранети за само еден ден. Бомбардирање и гранатирање на други градови, воздушни и ракетни напади од страна на руската армија – сето тоа не се само воени дејствија за време на војната.

Руски напади врз Чернигивската област, особено страшниот удар врз Десна, таму се одвива анализа на урнатините, има многу мртви; постојани удари врз Одеската област, врз градовите во Централна Украина, Донбас е целосно уништен – сето тоа нема и не може да има никакво воено објаснување за Русија.

Ова е намерен и злосторен обид да се убијат што повеќе Украинци. Да се уништат што повеќе куќи, социјални објекти и претпријатија.

Тоа е она што ќе го квалификува геноцидот на украинскиот народ и за што окупаторите задолжително ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Првото судење во Украина против руски воен злосторник веќе започна. И ќе заврши со целосно враќање на правдата во рамките на меѓународниот трибунал. Сигурен сум во тоа.

Ќе ги најдеме и ќе ги изведеме пред лицето на правдата сите кои даваат и извршуваат злосторни наредби.

Денес потпишав указ за доделување награди на нашите херои. На 210 војници на Вооружените Сили на Украина им беа доделени државни награди, од кои 48 постхумно. Титулата Херој на Украина постхумно му беше доделена на капетанот Сергиј Пархоменко, командант на воздухопловната единица на 299-та тактичка воздухопловна бригада.

Вечен спомен на сите што ги дадоа животите за Украина!

Вечна слава на секој и на секоја кои се борат за независност!

Слава на Украина!