Анадолу Ефес ја одбрани титулата првак на Европа

Кошаркарите на турски Анадолу Ефес ја одбранија титулата европски шампион, откако во саботата во финалето на завршниот турнир во Белград го совладаа мадридски Реал со 58:57 (14:15, 15:19, 11:8, 18:15).

Финалето очекувано донесе цврст натпревар, но сепак следевме неквалитетен дуел со многу лош шут од двете страни, а во завршницата повеќе среќа и поупорен беше турскиот тим кој во своите редови ги имаше вечерва многу расположените Василие Мициќ и Тибор Плеис.

Реал со реализираните две слободни фрлања на Серхио Љуљ намали на 57:58 на 44 секунди до крајот, но бидејќи мадридскиот тим дотогаш имаше направено само две лични грешки, со два прекршока во последниот напад на Ефес го продолжија нападот на ривалот на 40 секунди. Потоа Ларкин промаши шут за „тројка“ со истекот на нападот, а борбениот Сингетон во скок се бореше за топката меѓу тројца играчи на Реал до истекот на времето.

Анадулу Ефес имаше вкупно само пет стрелци, но брилјараа Василие Мициќ со 23 поени, кој беше прогласен и за најкорисен играч на финалниот турнир, и Тибор Плеис со 19 поени, додека Валтер Таварес со 14 поени беше единствениот двоцифрен кај Реал.

Ова е втората, и тоа последователна титула за Анадолу Ефес, додека Реал Мадрид остана на рекордните десет титули.

Претходно во натпреварот за третото место Барселона го победи атински Олимпијакос со 84:74 (20:18, 25:18, 17:18, 22:18), Никола Миротиќ со 19 коша беше најефикасен кај Барселона, а Саша Везенков со 20 поени кај Олимпијакос.