
Во првиот натпревар од неделната програма од последното 38-мо коло од италијанското фудбалско првенство, Наполи за кој стартер беше македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз и го одигра целиот меч, како гостин со 3:0 ја совлада Специја.
Во резултатски неважниот натпревар сите голови беа постигнати во првото полувреме. Матео Политано уште во 4 минута со убава солоакција го доведе Наполи во водство, а по десетминутниот прекин поради влегување на гостинските навивачи на теренот, гостите уште двапати ја затресоа мрежата на Специја. Прво Пјотр Зјелински во 25 минута спакува во противничката мрежа еден отпадок, а во 36 минута Диего Демме беше прецизен од близина.
Наполи како третопласиран сезоната ја заврши со 79 бодови и пласман во Лигата на шампионите следната сезона, додека Специја остана 16-та со 36 бодови но обезбедни опстанок будејќи има пет бодови повеќе од позициите кои водат во втората лига.
На чело на Серија А е Милан со 83 бодови, два повеќе од градскиот ривал Интер, и за освојување на титулата, прва по 2011 година, му е потребен бод на гостувањето кај Сасуоло од 18 часот или истовремено Интер да не ја победи Сампдорија на свој терен.