
Војната и ризиците што таа ги носи за светската економија ќе бидат во срцето на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос што започнува денеска.
„Нашите први мисли се насочени кон војната во Украина“, рече основачот на СЕФ, Клаус Шваб, презентирајќи ја програмата на годинешниот собир.
Во срцето на годишниот состанок ќе бидат кризите – војната во Украина, пандемијата на коронавирус и климатските промени ќе доминираат на состанокот, кој ќе се одржи од понеделник до четврток. Учесниците ќе разговараат за последиците од војната врз синџирите на снабдување, снабдувањето со енергија и безбедноста на храната.
Со оглед на санкциите наметнати на Русија, СЕФ ја исклучи земјата од својот годишен состанок оваа година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да биде првиот што ќе одржи виртуелен говор. Гости се очекува да бидат градоначалникот на Киев Виталиј Кличко и неговиот брат Владимир.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек ќе разговара со учесниците како дел од панел дискусијата за тоа како Германија има намера да стане помалку зависна од руската енергија. Во четврток во Давос треба да има говор и германскиот канцелар Олаф Шолц. На четиридневниот собир во швајцарските Алпи, речиси 2.500 учесници од политиката и економијата ќе разговараат за решенијата на меѓународните проблеми.
Мотото на овогодинешниот собир е „Историја на пресвртницата: владини политики и деловни стратегии“. „Нашето главно барање до светот е – не престанувајте да ја поддржувате Украина“, им рече на новинарите во неделата Ивана Климпуш, украинска парламентарка која пристигна во Давос, повикувајќи да не се дозволи Русија да води нова војна против никого во регионот.
Светскиот економски форум се враќа во швајцарскиот ски-центар по двегодишна пауза поради пандемијата КОВИД-19. Во 2021 година, традиционалниот годишен состанок мораше да биде онлајн. А опцијата Омикрон ги принуди организаторите да го одложат форумот од јануари за мај годинава.