Главната цел на монетарната политика за време на пандемијата, како и сега со новите предизвици коишто ги донесоа енергетската криза и војната во Украина е зачувувањето на стабилноста. Иако двете кризи се од различна природа и бараат различна реакција и поставеност на монетарната политика, крајната цел е иста ‒ зачувување на макроекономската стабилност. Ова беше истакнато од страна на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата „Реобмислување на улогата на централните банки“ во рамките на Форумот на Централна и Источна Европа, организиран од „Еуромани“.
На панел-дискусијата на која учествува гувернерката Ангеловска-Бежоска, насловен „Реобмислување на улогата на централните банки“, учествуваат и гувернерот на централната банка на Грузија, Коба Гвенетаџе, на Хрватска, Борис Вујчиќ, на Албанија, Гент Сејко, член на Одборот на централната банка на Чешка, Војтек Бенда, како и вицегувернерот на централната банка на Унгарија, Михали Патали.
Гувернерката во својата дискусија, прво се осврна на поставеноста на монетарната политика за време на кризата предизвикана од ковид-19. За зачувување на стабилноста, во време кога економската активност беше значително забавена, а финансиските пазари затегнати, олабавувањето на монетарната политика придонесе за надминување на ликвидносниот шок. Позитивниот контекст е тоа што во оваа криза влеговме со здрави фундаменти, повисоки девизни резерви, немаше поголеми финансиски одливи и одливи на капитал, а исто така добивме и пристап до репо-линијата од Европската централна банка, односно пристап до дополнителна девизна ликвидност.
Одржувањето на стабилноста е насоката на монетарната политика и во тековната криза. Иако ценовните притисоци дојдоа од страната на понудата преку растот на цените на примарните производи на меѓународните пазари, поради распространувањето на ефектот врз другите цени и зголемувањето на инфлациските очекувања, централните банки започнаа со нормализирање на политиките. Целта е да се придонесе за намалување на инфлациските очекувања и стабилизација на притисоците.
Гувернерката во својата дискусија нагласи дека тековната ситуација носи дополнителен предизвик за земјите со фиксен девизен курс, преку ефектите на девизниот пазар. Народната банка, како и останатите централни банки со ваква монетарна стратегија, преку одржување на стабилноста на девизниот курс, придонесува за помали инфлациски притисоци имајќи ја предвид високата увозна изложеност.
На крајот од својата дискусија, гувернерката Ангеловска-Бежоска заклучи дека земјите коишто имаат слична структура како нашата и монетарен режим, треба да продолжат со претпазливи макроекономски и структурни политики коишто ќе ги намалат ранливостите и ќе обезбедат заштитни механизми за справување со шоковите. Исто така, во вакви услови на големи надворешни шокови, за малите и отворени економии е битно да имаат соодветна финансиска поддршка од меѓународните финансиски институции.
Традиционалната конференција на „Еуромани“ е настан на којшто водечките експерти од финансиските пазари и носителите на политиките имаат можност да дебатираат и да ја анализираат економската иднина на регионот од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). На настанот редовно присуствуваат голем број учесници: гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори, кои разговараат за главните предизвици на носителите на политиките и економиите, а оваа година со посебен осврт на предизвиците коишто произлегуваат од пандемијата.