
Илјадници грчки осигуреници брзаат да заминат во пензија поради страв од нови промени во системот за пензиско осигурување во државата, објавуваат весниците во Грција.
Меѓународните кредитори бараат од државата да донесе нов закон за пензиско осигурување кој ќе стапи на сила во почетокот на идната година.
Весникот „Етнос“ тврди дека 105 илјади вработени имаат намера да се пензионираат годинава, а најолем дел од нив се вработени во државна аддминистрација. Проценките се дека таа цифра е над 35 илјади луѓе. Во останатите пензиски фондови се очекуваат барања за пензионирање за околу 70 илјади луѓе.
Пензиските фондови во Грција се во колапс, дупката во нив е над 11 милијарди евра, а кредиторите бараат од државата промени во здравствено-пензискиот систем, објавува „Елефтеротипија“.
Анализи покажуваат дека се подготвува масовно заминување во пензија – четворица од петмина државни службеници со 25 години стаж се подготвуваат оваа година да заминат во пензија. Експерти проценуваат дека до крајот на годината 105 илјади луѓе ќе заминат во пензија. Таа цифра е за 15 отсто повисока во споредба со лани, година која беше забележана како период на масовно заминување во пензија, наведува „Имерсија“.