ЕУ оцени дека НБМ води навремена монетарна политика, а банкарскиот сектор е стабилен

Emilija Nacevska

Во рамките на овогодишниот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, во центарот на вниманието беа предизвиците што ги донесоа пандемијата и руската инвазија врз Украина, како два последователни надворешни шока. Беа оценети и мерките преземени досега од носителите на политиките за справување со кризите и за зголемување на отпорноста на економиите.
„Монетарната политика на Народната банка е соодветна и придонесува за одржување на севкупната стабилност. Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и здрав, обезбедувајќи кредитна поддршка во текот на закрепнувањето на економијата од пандемичниот шок. Еден од главните предизвици за централната банка е растот на инфлацијата,што главно е резултат на глобални фактори на страната на понудата“, соопштија од НБМ.

Додаваат дека, е потребна будност и внимателно следење на цените и на инфлациските очекувања и доколку е потребно, натамошно затегнување на монетарната политика за да се одржи ценовната стабилност на среден рок.
Ова се накусо оцените и препораките за нашата Централна банка од заедничкиот дијалог со ЕУ за економијата и финансиите, што се одржува секоја година, и е дел од претпристапното усогласување на земјава.

На овој дијалог, вицегувернерката Емилија Нацевска посочи дека Народната банка навремено реагира на новонастанатите околности. „Заради навремена реакција во врска со инфлациските очекувања и стабилизирање на девизниот пазар, Народната банка во два наврати умерено ја зголеми основната каматна стапка, продолжи со диференцирање на стапките на задолжителна резерва во домашна и во странска валута, а преку активноста на девизниот пазар директно придонесува за одржување на стабилноста на девизниот курс“, рече таа и додаде дека, на ваков начин, НБМ дава свој придонес кон структурната реформска агенда и ја зголемува отпорноста на економијата од шокови.