Москва предупредува дека во Украина планираат напади на руска територија

Украинските националисти имаат намера да отворат оган на територијата на Русија и да кренат воздух контејнери со хемиски супстанции во Суми, за да ги обвинат руските војски за употреба на хемиско оружје, предупреди во саботата началникот на рускиот Национален центар за управување со одбраната, генерал-полковникот Михаил Мизинцев.

„Според информациите кои се добиени од заробените украински војници, милитантите од националистичките баталјони подготвуваат уште една провокација со употреба на отровни супстанции во градот Суми“, изјави Мизинцев кој го води меѓуресорскиот координативен штаб за хуманитарен одговор во Украина.

Мизинцев истакна дека „неонацистите планираат да ја гранатираат пограничната област на Русија од станбен реон на градот и да ги испровоцираат руските единици да возвратат на огнот, по што ќе кренат во воздух контејнери со опасни хемиски материи“.

„Киевските власти наскоро ќе ја искористат оваа цинична акција за да ги обвинат руските вооружени сили за наводна употреба на хемиско оружје и неселективни напади врз цивили“, изјави Мизинцев.

Според него, за таа цел во Суми веќе се донесени новинари од западни медиуми кои треба да направат снимки и фотографии од наводниот руски напад. Додаде дека паравоените формации на украинските националисти сакаат силен одѕив во странство на провокацијата во Суми на сметка на животите на цивилите.

„Ако порано при подготовките на ваквите монструозни провокации, цивилното население беше евакуирано од областа на планираната акција, сега за да се добие ‘максимална реакција’ не се изведува евакуација на локалното население“, рече Мизинцев.

Истакна дека Русија го предупредува „цивилизираниот Запад“, како и Обединетите нации, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Организацијата за забрана на хемиско оружје, дела Киев планира преку украинските и западните медиуми, како и преку интернет ресурси и медиумски платформи нашироко да ги шири претстојните фалсификати за наводните „руски ѕверства“.