5.8 C
Skopje
недела, декември 22, 2024

Дебар денеска 14 часа без вода за пиење

Во периодот од 8:00 до 22:00 часот денеска ќе има прекин во снабдувањето со вода за пиење од водоводот Росоки-Дебар и без вода ќе бидат жителите на градот Дебар, како и селата низ кои минува цевководот – Долно Косоврасти и Рајчица.

Според Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард”, кое стопанисува со водоводот, прекинот во водоснабдувањето е поради продолжување на проектот за замена на старите вентили, што почна со реализација во ноември минатата година.

– Во неколку наврати, извршивме замена на 35 воздушни и испустни вентили од каптажата па долж цевководот. Вкупно се 66 вентили, што значи дека остануваат за замена уште помалку од половина, сите поставени пред три и пол децении, кога е и изграден водоводот. Од корисниците бараме разбирање и трпение, зашто секој зафат е во правец на што понормално снабдување, рече Каба.

Проектот се реализира со средства од буџетот на Општина Дебар, а работите ги изведува фирмата „СмС холдинг” – Скопје, заедно со вработените на „Стандард”.

На водоводот се приклучени околу шест илјади корисници.