Стојаноски: Почнувајќи од утре нè очекува голем бран на поскапувања поради оваа Влада

Почнувајќи од утре не очекува голем бран на поскапувања поради Владата на Република Македонија. Имено, на 11 март оваа година Собранието донесе Закон за ДДВ со кој се предвиде Владата да донесе одлука за колкав период и кои производи за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ. Ваквата одлука Владата ја донесе на 12 март со важност до 31 мај т.е. до денес, истракна Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Од утре следниве производи повторно ќе бидат оданочени со 5% ДДВ, т.е. граѓаните уште од утре ќе плаќаат за 5% повеќе. Преку ноќ ќе поскапи лебот, белиот шеќер, брашното ТИП 400, маслото од сончоглед (кое понекогаш го нема на полиците), млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца.

Ова се неопходни продукти за човечка исхрана, а поради неодговорноста на Владата овие производи преку ноќ ќе поскапат за 5%. За потсетување во април оваа година инфлацијата е 10,5%, а сега ќе ви прочитам колку овие производи се поскапени за една година.

Леб и жита за 15%, Месо 10,4%, Млеко, сирење и јајца за 12%, Шеќер, чоколада и кондиторски производи за 12,8%, итн. Како овие проценти да не се доволно високи за власта, па сега дополнително ќе сакаат да ги зголемат за 5%. Каква неодговорност кон сопствениот народ.

Во рамки на овој закон е предвидено и ДДВ за енергентите т.е. бензинот и дизел горивото да биде оданочено со 10%, но само до 31 мај. За потсетување, според Државниот завод за статистика течните горива се поскапени за 53,5% споредено со април 2021 година.

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесе Закон со кој производите за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, бараме и ДДВ за течните горива да биде 5% до крајот на оваа година.

Домашниот буџет секојдневно обезвреднува, а владеачката каста се однесува ноншалантно. Итно донесување на овој закон ќе превенира дополнителен раст на цените на основните прехрамбени продукти и токму затоа бараме колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владеачката елита, додаде Стојаноски.