Нов скок на цените на горивата, од утре бензините поскапи за 2 и за 2,5 денари, дизелот со иста цена

    Денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе нова Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 2.06.2022 година.

    Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

    Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 2,00 ден/лит, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 2,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 3,00 ден/лит.

    Од 4.6.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати за литар ќе изнесуваат: ЕУРОСУПЕР БС – 95 109,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС – 98 111,50 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 99,50 (денари/литар), Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 98,50 денари и  Мазут М-1 НС 54,640 (денари/килограм).

    Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,105%.

    Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,497%, кај дизелот за 1,882%, кај екстра лесното масло за 4,473% и кај мазутот зголемувањето е за 1,095%, соопштија од РКЕ.