Маск загуби 17 милијарди долари по истекувањето информации за „Tesla“, а Бајден го испрати на Месечината

Американскиот претприемач Илон Маск, основач на вселенската компанија „SpaceX“ и на производителот на електрични автомобили „Tesla“ загуби 16,9 милијарди долари, а акциите на фабриката паднаа за 9,2 отсто во еден ден, по објавувањето на неговото писмо за намалување на работните мести во „Tesla“ за 10 отсто, пишува во саботата економскиот магазин Forbes.

Во петокот агенцијата Reuters цитираше електронска пошта во којашто тој наведува дека има „супер лошо чувство“ во врска со економијата во САД и сака да укине околу 10 отсто од работните места во компанијата, како и да го запре вработувањето ширум светот.

Така, во саботата материјалната состојба на Маск, кој и натаму е најбогатиот човек на планетата, според процените на деловниот магазин изнесува 216,8 милијарди долари.

„Главната работа за којашто инвеститорите веројатно размислуваат во моментов е дека Маск замолкна… Тој изненадувачки беше тивок минатата седмица, а акциите покажаа добар раст“, го цитира Forbes Мет Мејли, главен пазарен стратег во „Miller Tabak + Co“.

Во дописот испратен во четвртокот се наведува дека компанијата мора „да намали околу 10 отсто од соработниците“, како и „да го прекине вработувањето ширум светот“. „Имам многу лошо претчувство за економијата“, напишал Маск.

Мејлот е испратен два дена откако најбогатиот човек на планетата им рече на вработените дека мора да се вратат на работните меса или во спротивно да ја напуштат компанијата. Според официјалните податоци, компанијата „Tesla“ кон крајот на 2021 година вработувала околу 100.000 лица. Маск во вторникот им порача на вработените да се вратат на работа или да ја напуштат компанијата, што е барање кое веќе го одбија некои од вработените во Германија каде што компанијата има голема фабрика.

„Секој во Tesla мора да мине најмалку 40 часа во канцеларијата седмично. Доколку не се појавите, ќе претпоставиме дека сте дале отказ“, напиша Маск.

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот ја отфрли загриженоста на Маск за состојбите и перспективите на американската економија, и му посака „сѐ најдобро“ на неговиот лет на Месечината.

„Додека Илон Маск зборува за тоа, Ford ги зголемува инвестициите. Поранешната корпорација Chrysler, сега Stellantis, исто така, ги зголемува инвестирањата во електрични возила. Така што, му посакувам сѐ најдобро на летот до Месечината“, изјави Бајден за новинарите.

Американскиот автомобилски концерн „Tesla Motors“ е основан во 2003 година како развивач и производител на електрични автомобили и технологии поврзани со нив. Покрај електричните возила, компанијата произведува и батерии и електрични мотори користејќи сопствена технологија и ги продава на други автомобилски производители како „Toyota“ и „Daimler“.