Министерството за надворешни работи на Република Бугарија му врачи протестна нота на привремениот шеф на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, Владимир Крстевски, по повод пожарот во Центарот за култура „Иван Михајлов“ во Битола, соопшти бугарското МНР.
На вонредната средба што се одржа денеска во МНР, заменик-министерката за надворешни работи Велислава Петрова изрази загриженост и најостро го осуди делото извршено од непознати лица, поради што е причинета материјална штета на објектот. Беше истакнато дека ваквите вандалски акти не се само израз на национална омраза и нетрпеливост кон невладините организации како важен дел од граѓанското општество, туку се во сериозен судир и со демократските вредности и принципи на современиот цивилизиран европски систем.
Бугарската страна е убедена дека инцидентот во Битола не придонесува за развој на пријателството, добрососедството и соработката и е спротивен на напорите на владите на двете земји да го најдат вистинскиот пат за европска интеграција на Република Северна Македонија, пренесува БГНЕС.