Во последните пет дена се предале 126 припадници на Вооружените сили на Украина со што вкупниот број на украинските војници кои им се предале на проруските и руските единици изнесува 6.489 лица, изјавил во вторникот рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Изложувајќи ги прелиминарните податоци за „специјалната воена операција“ во Украина, како што Москва ги нарекува руските воени дејствија во соседната земја, Шојгу пред своите соработници во министерството за одбрана рекол и дека во последните десет дена биле уништени повеќе десетици оружја коишто Киев ги добил од странство.
„Во текот на изминатите десет дена …., уништено е 51 странско вооружувања, од кои 12 се оклопни борбени возила од 155 милиметри, два повеќекратни ракетни системи и 16 беспилотни летала“, додал Шојгу.
Министерот во текот на состанокот објавил и за преземање на контролата врз Свјатогорск, стратешко место во одметнатата источна украинска област Доњецк.
„Значителен дел од народните републики Доњецк и Луганс по должина на левиот брег на Северен Донец, вклучително и градовите Красни Лиман и Свјатогорск, како и 15 други населени места се ослободени“, изјавил Шојгу пренесе агенцијата РИА.
Според Шојгу, местата во кои проруските и руските единици ја преземале контролата се на рабовите од административните граници на двата проруски региона од пред 2014 година. Рускиот министер додал и дека во стратешкиот индустриски град Северодонецк руските трупи покрај индустриската зона и предградијата, заземале и неколку населби во самиот град.
„Се развива настапувањето во правец на Попасна (…) Вкупно до денеска ослободени се 97 отсто од територијата на Народната Луганска Република“, додал Шојгу.
Според него, руското министерство за одбрана заедно со Руските железници, обновиле 1.200 километри железнички линии со кои се поврзуваат Русија, со Донбас, Крим и другите делови од Украина.
Заземањето на Попасна, според западните воени стручњаци, ќе ја комплицира позицијата на украинските сили, бидејќи градот е на ридест терен, што овозможува воени дејствија кон блиските градови Лисичанск, Северодонецк, Свјатлодарск и Бахму. Истовремено, руските единици со тоа би направиле пробив во форма на клинец кон централните украински области.