Покрај прекинот на електричната енергија, поради што доцнеше натпреварот меѓу Австрија и Данска 90 минути, нови проблеми на стадионот „Ернст-Хапел“ во Виена предизвика дупка во тревникот.
Во последните минути од натпреварот во централниот круг се појавила дупка длабока повеќе од 30 сантиметри. Дупката ја откри данскиот напаѓач Адреас Сков Олсен по последниот свиреж на судијата, а неговата нога „потона“ речиси до коленото.
„На средината од теренот има дупка, длабока можеби и половина метар. Некој можеше да си ја скрши ногата и да си ја уништи кариерата, за среќа ништо не се случи“, изјави Сков Олсен за данската TV2 по натпреварот.
„Не знам што се случува со овој стадион“, додаде играчот од средината на теренот, Пјер-Емил Хојберг.
Австрискиот фудбалски сојуз (OFB) се обидува да го надмине проблемот. Теренот внимателно се прегледува, бидејќи веќе во петок во Виена доаѓаат светските прваци селекцијата на Франција.
Според информациите од сојузот, веројатна причина е зголемувањето на нивото на подземните води поради блискиот Дунав и невремето ноќта кон понеделникот.
„Почвата се испитува со рентгентски зраци со посебен уред за да се види дали може да се појават други шуплини. Анализата мора да биде довршена до средата вечерта“, изјавила за AFP портпаролката на OFB.
Претседателот на австрискиот сојуз Бернхард Нојхолд во вторникот за локалните медиуми изјави дека засега не може да „каже дека нема други опасности“.
„Она што можеме да го кажеме е дека правиме сѐ што е можно превентивно. На стадионот никогаш немало целосна темнина. Некои кругови продолжија да функционираат. Потребно е време за да се соберат сите факти. Ризикот од уште еден неуспех треба да се сведе на најмала можна мера“, рекол Нојхолд во врска со истрагата за причините за прекинот на струја.
Особено е интересно што стадионот има свој генератор за итни случаи кој би требало да биде доволен за работа на рефлекторите.
Натпреварот меѓу Австрија и Данска го следеа 18.700 гледачи, а против Франција се очекуваат повеќе од 48.000 гледачи.