Руските воздушно-космички сили нападнале центар за обука на странските платеници коишто доаѓаат во Украина, соопшти во четвртокот портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.
„Како резултат на ударот со високопрецизни ракети истрелани од воздух во близина на населеното место Новоград-Волински во Житомирскиот регион уништен е центар за обука на Вооружените сили на Украина, во кој се дообучувале и координирале странски платеници“, изјави Конашенков на редовниот претпладневен брифинг во Москва.
Оперативно-тактичката авијација на руската армија извела напади на 18 локации на концентрација на војници и опрема на украинските војски, при што според Конашенков биле елиминирани повеќе од 200 украински војници, пет тенкови, два повеќекратни ракетни лансери од типот „Град“, како и складиште за ракетно и артилериски оружје.
„Ракетните војски и артилеријата погодија 56 командни центри, 127 огнени позиции на украинските артилериски единици, како 273 позиции на жива сила и воена опрема. Во последното деноноќие уништени се над 300 националисти, седум оклопни борбени возила, две инсталации на повеќецевни ракетни лансери ‘Град’, 12 теренски артилериски оружја и монофрлачи, 24 специјални возила… “, наброја портпаролот на руското министерство за одбрана..
Конашенков додаде дека биле погодени уште неколку стратешки фортификациски позиции, како и магацини за оружје и горива.
Покрај тоа, според истиот извор, руските противвоздушни системи собориле во изминатите 24 часа еден украински ловец „Су-25“ и 13 беспилотни летала. Над областа Херсон била пресретната и украинска ракета „Точка-У“, како и два проектила од ракетен систем за повеќекратно лансирање „Смерч“ над место во областа на Харков, како и над територијата во Доњецк која е под контрола на проруските сепаратистички сили.