Сите што имаат излез на море сѐ уште се неспоредливо попосетени од другите, но фактот што најголемиот раст е забележан во Македонија, Србија и во Босна и Херцеговина укажува дека се зголемува интересот и за други видови туризам во регионот, пишува Нова Македонија.
ИЗВЕШТАЈ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ
Охрид е празен и е жртва на негативна кампања, па потоа Охрид е преполн со туристи од многу земји. Скопје постојано ги урива своите рекорди по посетеност. Преспа се враќа на голема врата со по десетина илјади гости преку викендите, а Дојран е хит подолго време. И првите луѓе на државата ѝ се посветија на оваа тема. Премиерот Никола Груевски, по неодамнешната средба со претседателот на Светската туристичка организација Талеб Рифаи, изјави дека туризмот во Македонија има голем потенцијал за раст и дека Владата посветува посебно внимание на оваа гранка. Тој наведе дека освен што е формиран Комитет за туризам, како посебно владино тело, намалена е и стапката на ДДВ за туристички услуги, се субвенционираат тури со странски гости, се развива концептот на туристички развојни зони итн.
Вицепремиерот Владимир Пешевски, пак, потенцираше дека според владините пресметки, бројот на посетители на земјава се зголемил двојно од 2006 година досега, а тоа меѓу другото се должело и на субвенциите што им се давале на нискобуџетните авиокомпании. Меѓу другите информации поврзани со туризмот, особено внимание предизвика предлогот на Лела Крстевска, претседателката на Стопанската комора за туризам, според која К-15 треба да се дава како ваучер за одмор во Македонија и со тоа да се поттикне домашниот туризам.
ГОЛЕМ ПРОЦЕНТУАЛЕН РАСТ, МАЛКУ ТУРИСТИ
По толку активности поврзани со туризмот, каде се наоѓа Македонија во најновиот извештај на Светската туристичка организација на Обединетите нации (УНВТО) и колку е посетена во споредба со другите земји? Податоците на ОН покажуваат дека таа има најголем раст на посетеноста во целиот балкански регион. Бројот на странци што влегле во Македонија, според извештајот, се зголемил од 262.000 во 2010 година на проценети 400.000, што значи дека пораснал за околу 50 отсто. Голем е и растот на Србија, од 683.000 во 2010 година на 922.000 во 2013 година, за околу 25 отсто, како и на Босна и Херцеговина, од 365.000 на 529.000 посетители, или за 32 отсто. Другите земји имаат стабилни бројки, без големи промени. Оние што имаат излез на море сѐ уште се неспоредливо попосетени од другите, но фактот што најголемиот раст е забележан во Македонија, Србија и во Босна и Херцеговина укажува дека се зголемува интересот и за други видови туризам во регионот.
На Македонија ќе ѝ треба да го задржи брзиот раст за да ја зголеми вкупната бројка на посети. Според овој податок, има само неколку земји во Европа што се зад неа, како Молдавија, Белорусија и Сан Марино. Разликата е што Белорусија, и покрај тоа што имала речиси тројно помалку туристи од Македонија, успеала од нив да извлече речиси тројно повеќе пари.
Инаку, најпосетена балканска држава е Турција, во која влегуваат по 30-40 милиони странци годишно, односно речиси 140 милиони во изминативе четири години. Со тоа, таа е една од десетте најпосетени земји во светот, завршувајќи ја 2013 година на шестото место, пред Германија, Велика Британија и Русија. Таа е далеку пред Грција, Хрватска и Бугарија, кои се следни на листата на Балканот.
ФРАНЦИЈА НАЈПОСЕТЕНА, АМЕРИКА НАЈЗБОГАТЕНА
Главна вест од годинашниот извештај e дека Франција им ја одзела на САД титулата на најпосетена земја во светот. Французите во 2012 година привлекле 83 милиони гости (бројките за 2013 година сѐ уште не биле обработени), додека во САД регистрирале 66,7 милиони посети во 2012 година и 69,8 милиони во 2013 година. Во првите десет влегуваат и Шпанија, Кина, Италија, Турција, Германија, Велика Британија, Русија и Тајланд. Но Американците, и покрај сѐ, успеваат да заработат најмногу пари од туризмот, дури 140 милијарди долари во 2013 година, далеку пред Шпанија на второто место со 60 милијарди и пред Франција со 56 милијарди долари.
Инаку, две години по ред во светот се регистрираат над една милијарда патувања, а растот во 2013 година, споредено со претходната, е за цели пет отсто. Кинеските туристи лани потрошиле 129 милијарди долари во странство, со што се најголемиот извор на туристички приходи во светот. Во објаснувањето зошто туризмот е важен, од УНВТО истакнуваат дека тој сочинува девет отсто од вкупниот светски бруто-производ, а обезбедува едно од секои 11 работни места, 1.400 милијарди долари во извоз, претставува 6 отсто од вкупниот светски извоз и 29 отсто од вкупниот извоз на услужни дејности.
Вкупен број на посети во илјади
2010 2011 2012 2013 вкупно
Турција 31.364 34.654 35.693 37.795 139.506
Грција 15.007 16.427 15.518 17.923 64.875
Хрватска 9.111 9.927 10.369 10.925 40.332
Бугарија 6.047 6.328 6.541 6.827 25.743
Албанија 2.191 2.468 3.516 / 8.175
Црна Гора 1.088 1.201 1.284 1.324 4.897
Србија 683 764 810 922 3.179
БиХ 356 392 439 529 1.716
Македонија 262 327 351 400 1.340
Белорусија 120 116 119 137 492
Сан Марино 120 156 139 / 415
Молдавија 64 75 89 96 324
Извор: УНВТО
Вкупна заработувачка во милиони долари
2010 2011 2012 2013 вкупно
Турција 22.585 25.054 25.345 27.997 100.981
Грција 12.742 14.623 13.416 15.930 56.711
Хрватска 8.259 9.211 8.812 9.255 35.837
Бугарија 3.637 3.967 3.748 4.059 15.411
Албанија 1.626 1.628 1.471 1.470 6.195
Србија 798 992 906 1.053 3.749
Црна Гора 732 862 826 884 3.304
БиХ 594 631 622 689 2.536
Македонија 197 240 234 267 938
Белорусија 440 487 685 722 2.334
Молдавија 173 195 213 226 807