ВИДЕО| Москва тврди дека уништила нова пратка оружје од САД и Европа за Киев

Изминатото деноноќие руските вооружени сили уништиле големо складиште за оружје коишто западните земји ѝ го испорачуваат на Украина и притоа собориле три украински борбени авиони, изјави на редовниот брифинг во руското министерство за одбрана, портпаролот генерал-полковникот Игор Конашенков.

„Вископрецизните ракети со долг дострел ‘Калибр’ истрелани од море, во близина на месото Чортков во Тернополската област (на западот на Украина – з.р.) уништија голем магацин со противтенковски ракетни системи доставени … од САД и европски земји, преносливи противвоздушни ракетни системи и артилериски проектили…“, рече Конашенков без да прецизира за кои модели станува збор.

Според него, руските воздухопловни сили извеле и ракетни напади врз два командни центри на украинската војска и 15 локации на концентрација на жива сила и воена опрема, Додаде дека во овие операции бил уништен противвоздушен ракетен систем „Бук-М1“, радарска станица, радар и за откривање и следење цели на ракетниот систем „С-300“, две батерии на повеќекратни лансирни ракетни системи во југоисточните украински региони.

Конашенков, исто така, рече дека руските борбени авиони собориле два украински „Су-25“ над рабните области на самопрогласената Доњецка Народна Република, а со дејство на противвоздушните системи бил соборен уште еден украински „Су-25“ во областа на Харков.

Покрај тоа, според портпаролот на руското министерство за одбрана, биле пресретнати и уништени осум украински беспилотни летала од кое едно од турско производство „Бајрактар ЅБ-2“, како и две балистички ракети „Точка-У“, како и три проектила од повеќекратните ракетни лансери „Ураган“.

Конашенков сумираше дека од почетокот на руската воена интервенција во Украина се уништени 201 авион, 130 хеликоптери, 1.188 беспилотни летала, 388 противвоздушни ракетни системи, 3.514 тенкови и други борбени оклопни возила, 508 повеќекратни ракетни лансери, 1.870 теренски артилериски орудија и минофрлачи, како и 3.570 специјални воени возила.