
Европската унија регистрирала годинава големо зголемување на бројот на илегалните мигранти коишто од западен Балкан влегле на територијата на ЕУ, објави во понеделникот Фронтекс, оценувајќи дека бројката е речиси трипати поголема во однос на истиот период минатата година.
Од јануари до мај 2022 година Фронтекс регистрирал вкупно 40.675 илегални преминувањата на границите на ЕУ преку западнобалканската рута. Освен што бил за речиси трипати поголем отколку во истиот период минатата 2021 година., тоа е речиси половина од вкупната бројка од 86.420 нелегални преминуваа на границите на ЕУ во истиот период, наведуваат од Фронтекс.
Кога станува збор само за минатиот месец, во мај годинава „бројот на нелегалните мигранти детектирани во регионот за повеќе од двојно се зголемил, на 12.088“, наведува Фронтекс во соопштението, додавајќи дека мигрантите во најголем дел доаѓаат од Сирија и од Авганистан.
Агенцијата не ја наведува причината за ова зголемување, но се сугерира дека повеќето од лицата кои биле откриени извесно време престојувале на подрачјето на западен Балкан пред да се обидат да влезат во ЕУ.
Луѓето кои бегаат пред војната во Украина не се вклучени во овие податоци, наведува агенцијата. Според последните податоци на Фронтекс, во ЕУ влегле повеќе од 5,5 милиони Украинци од крајот на февруари од почетокот на војната.