Германски суд пресуди: Антисемитски релјеф од Средниот век останува на црквата

Германскиот Врховен суд во вторникот пресуди дека средновековната скулптура со навредливи антисемитски обележја може да остане на фасадата на црвка во градот Витенберг, при што е отфрлена жалбата на подносителот на тужбата од еврејско потекло, кој со години тврди дека таа ги навредува Евреите

„Јуденсаи“ или „Еврејската маторица“ е каменорез од XIII век кој се наоѓа на фасадата на градската црква во Витенберг и прикажува навредлива карикатура на рабин, свиња и две еврејски деца. Според историчарите, во оваа црква во 1517 година проповедал германскиот реформатор Мартин Лутер.

Во времињата кога политичарите предупредуваат на раст на антисемитизмот во Германија, пресудата е своевиден потсетник на раширеното антиверејско расположение во Средниот век, коментираат германските медиуми,.

Тужителот ја води судската битка за отстранување на скулптурата уште од 2018 година. Меѓутоа, Врховниот суд во вторникот ги потврди пресудите на пониските судови со кои случајот е отфрлен, појаснувајќи дека моментално нема никакви кршења на прописите и законите коишто би биле во прилог за обновување на процесот.

„Судот одлучи дека релјефот на фасадата на црквата во Витенберг не мора да се отстрани“, се наведува во соопштението на судот.

Споменатиот релјеф е еден од дваесеттината слични средновековни релјефи кои сѐ уште се наоѓаат на црквите ширум Германија и во други земји во западна Европа.

Во 2020 година Вишиот регионален суд во Наумбург донесе пресуда според којашто сличен релјеф, поставен на четири метри височина, не претставува прекршок.

Судијата Фолкер Бухлох тогаш појасни дека скулптурата може да остане на фасадата, бидејќи на земјата пред неа е поставен споменик со кој им се оддава почит на шест милиони Евреи убиени во холокаустот во Втората светска војна. Бухолох додаде и дека иако скулптурата изворно во Средниот век била замислена како навреда, нејзиното место во близина на споменикот на жртвите на холокаустот тоа го неутрализира.