Министерката за европска интеграција на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, изјави во вторникот дека кластерот 3 од пристапувањето кон Европската унија нема да биде отворен во јуни во Брисел, затоа што Србија нема воведено санкции против Русија
Кластерот 3, кој Србија го очекува во евроинтеграциите, ги вклучува, меѓу другото, информатичкото општество и медиумите, даночниот систем, економските и монетарните политики.
Јоксимовиќ за јавниот сервис Радиот-Телевизја на Србија (РТС) рече дека споменатиот кластер нема да биде отворен иако е подготвен, а како причина за неотварањето на нов кластер, ја посочи „неусогласеноста со режимот на рестриктивни мерки кон Руската Федерација“.
Србија, иако гласаше за неколку резолуции на Обединетите нации во кои се осудува инвазијата на Русија, одбива да воведе санкции за Москва и покрај барањата на Западот.
„Нѐ чекаат многу предизвици, енергетската, прехранбената и секоја друга криза што треба да ја решиме и важно е Србија да биде цврсто на европскиот пат“, рече Јокимомовиќ за РТС.
Оцени дека војната во Украина е „најголем“ предизвик за Европа од падот на Берлинскиот ѕид, затоа што тоа е конфликт во кој едната страна е нуклеарна сила.
На прашањето кој е просторот за маневар кога станува збор за санкциите, Јоксимовиќ кажа дека тука не се работи за маневарски простор, како и дека Србија покажала целосна посветеност.
Додаде и дека Србија ги споделува истите вредности на почитување на меѓународниот мир и поредок и неповредливоста на територијалниот интегритет, алудирајќи на односот на меѓународната заедница кога станува збор за српската поранешна јужна покраина Косово и Метохија, каде по воздушната инвазија на НАТО во 1999 година против Србија беше воспоставена власта на албанското мнозинство кое во 2008 година еднострано прогласи независност којашто ја признаа водечките земји на Западот, но не и пет земји од Европската унија, како и Русија и Кина.