Милошоски: Владата на СДСМ создаде разорна инфлација и поскапа храна и енергенси

Пратеникот и член на Извешниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на прес-конференција во средата се обрати со порака до македонската јавност дека поскорото заминување на актуелната власт значи подобра перспектива за граѓаните.

„Премногу е, затоа што СДСМ и ДУИ прават голема инфлација, поскапување храна и на енергенсите од 30 до 100%. Маслото поскапе за 107%, килограм брашно за 80%, литар млеко веќе е поскап за 50%, шеќерот за 36%, а горивата се поскапи и до 70%. Имаме поскапа струја за 30% со најава за ново поскапување во јули. И после ова некој не и верува на Владата дека инфлацијата е само 12%. Народот секојдневно гледа и чувствува по сопствениот џеб дека тоа што лани го купувал за 500 денари, денес во самопослуга не може да го купи ниту за 1.000 денари“, истакна тој.

Според Милошоски, Владата не го чувствува ова затоа што за распишува сѐ повеќе тендери од кои земја сѐ поголеми провизии, а за народот има сѐ помалку пари, платите се ниски, а цените се премногу високи.

„Услугите коишто институциите се должни да ги дадат не се достапни за обичните луѓе, но се достапни за тие коишто се блиски до власта, бидејќи корупцијата стана правило за жал исто како и непотизмот. Изминатиов период власта дури се обиде во својата ароганција и самоволие да сокрие и некој убиства и така беше со убиството на ракометарот Тот, така е денес и со убиството на младото момче Витанов во струмичко. Ништо од она што го ветија не исполнија. Нема нов Студентски град, нема Клинички центар, ниту клинички ниту во Штип, а автопатот Кичево– Охрид-Струга не е помрднат од фазата во која што беше оставен во 2017 година. Нема ниту една поголема странска инвестиција. Нема пари за стопанството, но СДСМ и ДУИ не престануваат да земаат проценти од тендери и уште повеќе секогаш има за нивните блиски доволно пари како што имаше 1.4 милиони евра за фирмата на Заеви преку Министерството за земјоделие. Оваа влада не создава ниту подобра сегашност, ниту перспектива во иднината. Европската Унија станува само далечен сон, а гледаме дека во ЕУ влегуваат само стручни кадри кои што ќе најдат работа со македонски или со друг пасош. Нема никакви изгледи дека нешто ќе се промени на подобро, а Владата нема тим кој што ветува дека може да направи економски пресврт, вели Милошоски.

Како што истакна пратеникот, премиерот Димитар Ковачевски служи како политичар за потсмев во регионот, а дома е пример за неспособен премиер кој нема план за подобар живот кој што за народот станува сѐ потежок.

„Затоа е премногу и затоа ве повикуваме на 18 јуни во 20 часот сите пред Влада да им покажеме и лично колку сме незадоволни и колку оваа Влада го има изгубено легитимитетот. Колку побрзо падне Владата, толку подобро за перспективите на народот и на државата“, порача Милошоски.