Ветото ќе падне само ако одлучи Народното собрание, истакна Нинова

Бугарската вицепремиерката и министерка за економија Корнелија Нинова го обвини претседателот Румен Радев дека сее неосновани сомнежи на темата за Македонија и го користи патриотизмот на Бугарите за да си го подигне рејтингот. Реакцијата доаѓа откако бугарскиот претседател утрово го коментираше францускиот предлог за укинување на бугарското вето за Македонија.

„Господине претседателе, престанете да шпекулирате на тема Македонија“, напиша таа на својот Фејсбук профил.

„Ја повикувате владата да ги отфрли сите сомнежи дека може да го крене над PCM. Сомнежите ги подгревате вие. Кабинетот не еднаш кажа: Нема да го укинеме ветото. Единствено тело што може да донесе одлука е парламентот“, додаде Нинова.
Таа напиша и дека Националното собрание е највисок орган и само тоа може да ги промени условите на договорот со Македонија.

„Нема да го изневериме бугарскиот национален интерес. Да се користи вистинското патриотско чувство на Бугарите за да се прави политички ПР и да се добие личен рејтинг е подлост“, пишува Нинова.

Таканаречениот француски предлог е нацрт-преговарачка рамка подготвена од француското претседателство со Советот на ЕУ. Тоа ги вклучува барањата на Бугарија за земјава, заедно со другите критериуми што Скопје треба да ги исполни за да влезе во Европската унија.

Доколку документот испратен од француското претседателство биде прифатен од Бугарија и од сите други земји 27 членки на ЕУ, тоа би значело дека Бугарија ќе го укине ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија.

Според претседателот Радев, францускиот предлог е „чекор во вистинската насока, но остануваат прашањата“.

Според премиерот Петков, парламентот следната недела треба да го разгледа европскиот документ. Каков и да е ставот на европратениците за тоа, тој мора да го предаде на Европскиот совет, кој започнува во четврток во Брисел.

„Доколку дотогаш парламентот не донесе одлука, ќе го извести Советот дека Бугарија се уште нема донесено одлука“, изјави претходно Петков.

Евентуалното укинување на ветото го посочи Слави Трифонов како причина „Има таков народ“ да се повлече од владејачката коалиција. Ова се случи иако ветото останува активно, а владата на Петков го изгуби мнозинството во парламентот.

Премиерот Кирил Петков гарантираше дека промените може да се случат само по парламентарна одлука, а претставниците на ЕУ и германскиот канцелар Олаф Шолц изразија незадоволство поради недостигот на напредок во разговорите меѓу Софија и Скопје.

Во меѓувреме властите во Македонија се воздржуваат од коментари за францускиот предлог. Како што изјави денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, земјава формално го нема добиено предлогот, а наш став ќе има „кога ќе дојде време за тоа“.