
Никогаш Македонија не видела толку многу болка како овие години и затоа никогаш Македонија не видела толку многу луѓе што вечерва ги преполнуваат улиците на главниот град на Македонија, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот протест пред владата, на кој се бараат предвремени парламентарни избори.
„ Доаѓа крајот на овие нечесни луѓе од Владата какви досега овие три децении не сме виделе!
Од денес па натаму, нашиот глас ќе татни низ градовите и селата.
Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата што ни припаѓа!
Нека се чуе на сите страни дека во Македонија – во нашата Македонија – се случува народ.
Раскажете ја вистината за луѓето што дадоа многу во името на ветувањата за некаква посреќна иднина, а не добија ништо!
И денес оваа одлучност за промени е толку голема затоа што народот веќе нема што повеќе да загуби, живеејќи во време кога загуби речиси сè.
Власта удри по стандардот, по образованието, по земјоделството.
Силно се удира по економијата и по перспективите на младите луѓе.
Булеварите, раскрсниците и плоштадите се полнат со луѓе кои секојдневно просат затоа што загубиле речиси сè. Контејнерите се пребарувани од луѓе од разни нации и припадности бидејќи гладот не знае за вера или нација.
Денот за власта е ден поминат во луксузни автомобили, ручеци со златни виљушки и чинии какви купуваа, а денот за обичниот народ е ден за борба со голиот живот, борба за опстанок да се преживее и да се дочека следното утро.
И денес сум овде пред вас затоа што јас ја имам одговорноста да се борам и да ветувам, се обврзувам и гарантирам дека нема да разочарам“, порача Мицкоски.