Или ќе се бориме и ќе победиме или Македонија ќе ја нема!

На 8 септември 91-та, а и денес 18 јуни 31 година потоа, народот е на нозе и на улица затоа што сака да се бори….И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија. А јас сум тука затоа што ќе се бориме бидејќи другиот избор е Македонија да ја нема повеќе.
Да не постои – посочи вечерва во својот говор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Или ќе се бориме и ќе победиме или Македонија ќе ја нема.
Борба во Парламентот! На протести на улиците! Низ малаата, градовите и селата! Борба на градоначалниците, во институциите, борба против криминалот, корупцијата и тонењето!
Борба да ја вратиме надежта како на тој 8 септември 1991 и да го направиме спротивното од овие 31 година!

Премногу е. Премногу е поради корупцијата. Премногу е поради распаднатото здравство. Премногу е поради врските во институциите, аферите, селективната правда, поточно неправдата за секој еден граѓанин. Поради чекањето.
Премногу е поради предавствата, поради лошите договори и поради понижувањата. Поради луѓето кои невини седат по затворите и луѓето кои виновни не се во затворите. Поради поскапувањето. Поради одземената иднина. И затоа сме тука. И затоа се потребни промени. Многумина блиски до власта ми велат што по митингот на 18-ти? Ќе падне ли веднаш власта? Одговорот е дека никогаш не ветив дека тоа ќе се случи брзо. Меѓутоа, гледајќи колку народ е излеан на улиците пред зградата на Владата која е симбол за народниот пораз овие пет години, повеќе од сигурен сум! Знам дека тоа ќе се случи!“, порача Мицкоски.