Нова група украински војници се предала во Донбас, убиени 50 високи украински офицери и генерали

Уште една група украински војници се предала во неделата во судирите во одметната проруска источна област Луганск, соопшти чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, додека руското министерство за одбрана објави дека во ракетен напад биле убиен повеќе од 50 високи офицери и генерали на украинските вооружени сили.

„Неодамна уште една група украински војници им се предадоа на припадниците на чеченските специјални сили под команда на (Замид Чалаев) и на војниците на (самопрогласената) Луганска Народна Република во ослободеното село Врубовка. Сите едногласно повторуваат дека командата (на украинските сили) јасно покажува нивно непочитување и оти тоа е многу раширена појава“, објави Кадиров на својот Telegram канал.

Во видеото кое Кадиров во објавува на платформата, заробените украински војници ги повикуваат поранешните соборци да се премислат да не бидат „топовско месо“.

Украина загубила повеќе од 50 високи офицери и генерали во ракетен напад на руската војска изведен со високопрецизни крстосувачки проектили „Калибр“ во Дњепропетровската област кога се одржувал состанок на командниот состав на борбената групација „Александрија“, изјави на брифингот во неделата портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Игор Конашенков.

Информациите за овој напад не ги потврди досега украинската страна.

Истовремено агенцијата ТАСС, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека неколку лица од командата на украинската воена формација „Азов“ којашто се поврзува со крајно десничарските движења, биле префрлени од Донбас во протворско-истражното одделение во „Лефортово“ во Москва.

Станува збор за лица кои се предела на руските војски во борбите за јужниот пристанишен град Мариупол.

Соговорникот на агенцијата не прецизирал за кои лица станува збор, но претходно друг извор на ТАСС од безбедносните служби рекол дека во Москва за продолжување на истрагата биле донесени заменик-командантот на „Азов“, Свјатослав Паламар со прекар Калина и командантот на 36-та бригада на поморската пешадија Сергеј Волински, попознат како Волин, кој исто така биле заробени во Мариупол.

Единиците на проруските сепаратисти во Луганск и руските едници ја преземале контролата на селото Метелкино крај Северодоњецк, каде што украинските сили загубиле меѓу 600 и 700 припадници, убиени или ранети, соопштија бунтовничките сили. Според истите извори, многу припадници и команданти на „националистичката формација Ајдар“ се предале во борбите кај Метелкино.