
Девет украински резервисти се предале во вторникот без каков и да е отпор во близина на Сиротино, предградие на источниот украински град Северодоњецк кој по повеќенеделните борби значително е под контрола на проруските сили на самопрогласената Доњецка Народна Република помогнати од руската војска, пренесуваат руските медиуми.
Во извештајот на агенцијата РИА се наведува дека украинските резервисти коишто денеска се предале, рекле дека биле мобилизирани во мај во единицата 3035 на украинската војска којашто до превратот во Киев и одметнувањето на проруските региони во 2014 година била стационирана во Луганск, а потоа дислоцирана во Харков.
Според дописникот на агенцијата, тројца од заробениците се локални жители од регионот, еден е војник по договор, а другите се од резервисти од западните делови на Украина. Во моментов во земјата на сила е воена состојба по почетокот на руската инвазија од 24-ти февруари и најавена е општа мобилизација. На мажите кои се способни за воена служба забрането им е да ја напуштат земјата.
Борбите за Северодонецк траат од почетокот на мај. Украинската страна често дава спротивставени објави дека нејзините сили или се повлекле или дека напредуваат во градот, признавајќи сепак дека сепаратистичките сили помогнати од руските единици заземале некои градски населби. Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорск, се клучни за остварување на тој план.
Во Северодоњецк украинските единици претрпеле критични загуби и се повлекуваат кон соседните Лисичанск и Свјатогорск на запад, а украинската борбена групација ја загубила контролата на поголемиот дел од градот, според објавите на проруските сепаратисти.
Таквите информации ги потврди и во понеделникот вечерта и украинскиот администратор на Луганскиот регион, Серхиј Хајдај кој за украинската телевизија изјави дека проруските и руските единици во моментов контролираат 70 отсто од градот Северодоњецк, како и дека со преземањето на административниот дела од градот практично ја преземале речиси целосно контролата врз регионот Луганск, на чиишто административни граници до 2014 година кон централна Украина се наоѓа овој град. Во истата информација, челникот на украинска полиција истакна дека наводно во Северодоњецк биле убиени повеќе од 12.000 цивили.
Хајдај истакна дека и покрај тоа што руските сили не го освоиле целосно Северодоњецк, тие ги уништиле трите моста што водат до градот, што според него ја овозможува евакуацијата на жителите и транспорт на стоки. Додаде дека жителите кои останале во градот живеат во исклучително тешки услови, бидејќи градот е под постојано гранатирање.
Воениот претставник на самопрогласената Доњецка Народна Република, Едуард Басурин, подоцна за новинарите во Доњецк изјави дека украинските сили повеќе не можат да го напуштат Северодоњецк, бидејќи е уништен и последниот мост што го поврзувал со соседниот град Лисичанск. Притоа, како што пренесе BBC, ги повикал украинските војници да го положат оружјето и да се предадат.