Во Ниш пристигна Италијанка Вијена Камарота (72) која пеш тргна од Венеција за Пекинг, пред неколку месеци. Камарота е активна планинарка, членка на Службата за спасување во планина и шампион во кајак. Таа често патува за да собира хуманитарна помош и тргна на своето последно патување од 22.000 километри, за да испрати порака за „оптимизам“ до сите жени, особено оние на нејзини години.
„Мојата порака до жените е дека, ако навистина решат нешто, можат да ги остварат сите свои соништа и сите свои желби“, рече Камарота на приемот во градското собрание на Ниш.
Таа рече дека на ова патување кое ќе трае до 2025 година, е прогласена за амбасадор на мирот, историјата и културата.
„Сакам да се потсетам на Марко Поло и на Патот на свилата. Сакам да се потсетам и на патиштата што ги изградиле старите Римјани. Можеме многу да научиме ако обрнеме внимание на настаните што претходеле на она што се случува денес”, кажа Камарота.
Како што рече таа, нејзиното најдолго патување досега траело пет месеци и било од Чешка до Сицилија, но пешачела и низ Израел, Палестина, Непал, Тибет, Мадагаскар, Патагонија и Амазон.
За да стигне од Венеција до Србија, додаде таа, пешачела по Словенија и Хрватска, а патувањето до Кина ќе го продолжи преку Бугарија, Турција, Азербејџан, Грузија, Иран, неколку поранешни советски републики и Монголија.
„На почетокот поминував по 30 километри дневно, но сега поради горештините нешто помалку, 20 до 25 километри. Низ Србија ме следи Ротари клубот кој се грижи и за моето сместување. Во Србија, луѓето се исклучително љубезни. Од Белград наваму се чувствував како дома. Храната во Србија е фантастична”, изјави таа.
Додаде дека не очекува никакви тешкотии за остатокот од патувањето, само поради политичката ситуација во Киргистан побарала помош од италијанската амбасада.
Нејзините деца и внуци првично биле против нејзината одлука да пешачи на толку долго патување до Пекинг, но потоа ја поддржале.